недела, 1 февруари 2026

Љутков: Културната сцена е динамична, иновативна и подготвена за создавање

Преку електронскиот систем за аплицирање на годишните конкурси за проекти од културата за 2026 година пристигнале  2.618 пријави, соопшти министерот за култура и туризам Зоран Љутков соопштувајќи ги резултатите од конкурсите, нагласувајќи дека овој број на пристигнати апликации го потврдува интересот и довербата во системот.

Објавено на

часот

Сподели

„Се работи за проекти кои ќе ја збогатат културната понуда, ќе отворат простор за нови креативни изрази и ќе придонесат за меѓународната афирмација на македонската култура. Интересот што и оваа година го покажуваат уметниците и културните организации за годишните конкурси е јасна потврда дека нашата културна сцена е динамична, иновативна и подготвена за создавање. Годишната програма за проекти од културата во 2026 е суштински чекор напред и доказ дека културата не ја гледаме како трошок туку како стратегиска инвестиција во нашиот национален идентитет, во креативниот потенцијал на луѓето и во иднината на целото општество“, истакна Љутков на прес-конференција во Владата.

Процесот на селекција, рече, се одвивал врз основа на јасно дефинирани критериуми, однапред дефинирани приоритети и од стручни комисии составени од компетентни лица од соодветни области.

Соопшти дека се зголемени  средствата во повеќе дејности, при што се внимавало на квалитетот, квантитетот и рамномерниот развој на културата. Посебно внимание е посветено на современо творештво, меѓународната соработка и креативните индустрии, области кои, како што рече,  не само што носат културна вредност туку и значаен економски потенцијал.

„Особено значајно е што и во 2026 година продолжуваме со систематско зајакнување на националните установи“, истакна Љутков и соопшти дека откако лани првпат беше воведен модел на делегиран буџет за националните установи, како пилот-проект за 18 од нив, моделот годинава ќе се прошири на 28 национални установи со делегиран буџет поради позитивните искуства.

Појасни дека ваквиот модел покажал мерливи и конкретни резултати и затоа прераснува во системски и долгорочно одржлива практика.

„Овој модел е конкретен чекор кон поголема автономија, поефикасно управување со програмските средства, како и кон јасно дефинирана одговорност и отчетност“, истакна министерот за култура и туризам.

Љутков соопшти дека вкупниот буџет на Министерството за култура и туризам за 2026 година  е 5.194.975 милијарди денари, што е за 519.713 милиони денари поголем од минатата година. Буџетот наменет за проекти од национален интерес во културата изнесува 1.070.417 милијарда денари.

„Ова е јасна и недвомсилена порака дека културата има поддршка и дека државата стои зад своите уметници, институции и културни работници“, нагласи Љутков.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ