четврток, 12 јуни 2025

Љутков: Културната дипломатија ги урива ѕидовите на незнаењето и стереотипите

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска се обрати на третиот Форум за културна дипломатија, што се одржува во Музејот на македонската борба под покровителство на поранешниот македонски претседател, Ѓорге Иванов. Пред присутните се обрати и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Објавено на

часот

Сподели

Во своето обраќање, министерот Љутков посочил дека во свет во кој  политиката сè почесто се соочува со ограничувања, а економските интереси се менуваат во зависност од глобалните кризи, културата останува таа тивка, но моќна сила што ги обединува луѓето.

„Културната дипломатија ja претставува најфината форма на меѓународна комуникација – мост што се протега преку различностите, надминува граници и создава нови можности за разбирање, соработка и трајно пријателство меѓу народите. Таа не зборува преку декларации и договори, туку преку симфонии, уметнички дела, поетски гласови и културни гестови што ја допираат душата“, истакнал Љутков.

Тој нагласил дека македонската култура е богата не само по своето историско наследство, туку и по својата современа виталност.

„Културната дипломатија е суптилен и заемен процес на размена – процес во кој автентичноста не се губи, туку, напротив, станува мост кон подобро разбирање. Културната дипломатија не упатува на самопромоција, туку кон споделување на суштината на идентитетот, креативноста и визијата на еден народ“, посочил Љутков.

Министерот потсетил дека Македонија низ годините остави препознатлив културен печат на меѓународната сцена, преку блиска соработка со УНЕСКО, Советот на Европа и други релевантни организации, како: Франкофонијата, Форумот на словенските култури и Алијансата на цивилизациите.

„Од Биеналето во Венеција, преку интернационалните саеми на книгата во Франкфурт, Париз и во Лајпциг, до настапите на Националната опера, Националната филхармонија, театрите, ансамблите за народни песни и игри, нашата култура зборува јазици на уметноста што ги разбира целиот свет. Преку манифестации, како Денови на македонската култура, во реномирани европски центри, па сѐ до трајното одбележување на ’Македонија во чест на Св. Кирил‘, нашата држава се позиционира како активен учесник во креирањето на европската културна иднина“, нагласил министерот за култура и туризам.

Љутков порачал културната дипломатија да не биде маргинален концепт, туку централна компонента на нашата надворешна политика.

„Културната дипломатија не е монолог. Таа е разговор меѓу идентитети. И кога се води со искреност и почит, таа не само што гради мостови – таа ги урива ѕидовите на незнаењето и стереотипите. Затоа културната дипломатија не треба да биде маргинален концепт, туку централна компонента на нашата надворешна политика“, нагласил Љутков.

Пред присутните се обрати и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Културната дипломатија, како што посочи, може да помогне да го трансформираме општеството, културната дипломатија гради мостови отпорни на политички спинови, популизам, манипулација и демагогија.

„Нема поголем успех за една држава од тоа да има почитувачи и вљубеници меѓу другите народи, религии и луѓе. Културата е најмоќниот ресурс на малите народи, нема подобра инвестиција од онаа во образованието, наукатa, културата и спортот зашто таму нема мали и големи. Малите културни средини како македонската, наместо да растат во широчина, се креваат во височина. Таа иднина е вистинската“, истакна претседателката.

Според неа, ретко кој во светот ги знае имињата на македонските политичари, но многумина слушнале за уникатниот седумосмински такт, за ремек делата на Чемерски, филмовите на Манчевски, Македонисимото на Трпчевски,…

Сиљановска Давкова посочи и дека прашањето е како да се изград мир меѓу државите зашто силните го прават тоа што можат, а малите тоа што мораат.

Меѓу учесниците во денешната дебата од форумот се и поранешниот претседател Ѓорге Иванов, поранешниот чешки претседател Вацлав Клаус, поранешениот претседател на ГС на ООН Волкан Бозкир, Розета Епифани од Кабинетот на претседателот на Советот на министри на Италија и Хенри Џонс, претседател на КОФР технолоџис и советник на државниот секретар на Арканзас.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ