петок, 26 декември 2025

Љутков: Културата и туризмот не се трошок, туку стратешка инвестиција во идентитетот

Оваа 2025 година јасно покажа дека културата и туризмот не се трошок, туку стратешка инвестиција во идентитетот, меѓународната видливост и економскиот развој на државата. Со зголемен буџет, рекордна реализација на програмите, конкретни капитални инвестиции и силно меѓународно присуство, покажавме дека кога има визија, одговорност и транспарентност резултатите се видливи и мерливи, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков во својот отчет за сработеното годинава.

Објавено на

часот

Сподели

Ова, додаде, не се само бројки и проекти на хартија, туку живи културни настани, обновени институции, заштитено наследство и отворени врати кон Европа и светот.

„Го враќаме достоинството на културните работници, ја зајакнуваме инфраструктурата и ја позиционираме Македонија како релевантен културен и туристички актер на меѓународната сцена. Пред нас се уште поголеми предизвици, но и уште поголеми можности- Европска престолнина на културата 2028, нови закони, нови инвестиции и уште посилна меѓународна промоција. Остануваме отворени, отчетни и подготвени за дијалог, затоа што јавноста има право да знае, а културата заслужува сериозна, долгорочна и одговорна политика“, истакна министерот за култура и туризам.

Според него, во областа на културата, фокусот бил насочен кон стабилизирање на системската поддршка за институциите, унапредување на условите за работа и реализација на значајни капитални и програмски проекти, со особено внимание на домашното творештво, уметниците и културните работници. Годинава, додаде тој, ја одбележаа и значајни јубилеи, меѓу кои осумдесетгодишнината на Македонскиот народен театар – потсетник дека културните институции не се само простори, туку живи носители на колективната меморија, вредности и континуитет на едно општество.

Во делот на туризмот, работеле на појасна стратегија и поефикасна промоција на Македонија како туристичка дестинација. Фокусот бил ставен на градење нови партнерства, поддршка на локалните иницијативи и развој на одржлив туризам – туризам што ја почитува природата, културното наследство и локалните заедници. Нашата цел, рече Љутков, е Македонија да не биде само место што се посетува, туку дестинација што остава впечаток и се памети.

Министерот за култура и туризам истакна дека годинава буџетот на институцијата со која раководи изнесувала 4 милијарди 600 милиони 965 илјади денари.

„Од оваа сума, 923.960 илјади денари се наменети за финансирање проекти од национален интерес во културата, што претставува речиси 15 милиони евра. Овој износ е за околу 105 милиони денари повисок во споредба со минатата година, што јасно ја потврдува определбата на Владата за зајакнување и унапредување на културниот сектор. Со ребалансот на буџетот во јули 2025 година, вкупниот буџет на Министерството беше зголемен и достигна 4 милијарди 851 милиони и 876 илјади денари“, рече Љутков.

Најави дека до година буџртот ќе биде поголем од годинава за 8,5 проценти и ќе изнесува 5 милијарди 520 милиони и 504 илјади денари, и плус 700 милиони за туризам кои ги добивале на посебна сметка.

Како што нагласи она што ја одбележало годинава било високото ниво на реализација на Годишната програма – дури 97 проценти, што, според него,  претставува значаен исчекор по подолг временски период. За прв пат, рече Министерството за култура и туризам финансирало 18 национални установи со делегиран буџет, врз основа на нивните исклучителни резултати во работењето, најавувајќи дека оваа практика ќе продолжи и ќе се проширува и во наредниот период.

Во областа на музичката и музичко-сценската дејност, 2025 година беше година на значајни јубилеи и врвни уметнички настани. Реализацијата на програмата за визуелни уметности, архитектура и дизајн покажала висок степен на ефикасност, квалитет и општествена одговорност. Во делот на драмската дејност реализирани се професионални претстави, аматерски претстави, гостувања и театарски фестивали и манифестации. Програмата се одвивала на македонски, албански, турски, ромски и влашки јазик и со значајна застапеност на домашни и странски автори и режисери.

Во делот на меѓународната културна соработка, буџетот бил зголемен за речиси 50 проценти во однос на 2024 година, а реализирани биле бројни настапи на националните установи, граѓанските здруженија и уметници во странство.

Годинава преку Програмата за изградба, реконструкција, санација и адаптација на објекти што ги користат јавните установи од областа на културата, биле реализирани значајни активности на повеќе капитални проекти.

„Обезбедена е нова документација и објавена е нова јавна набавка за реконструкција на Универзална сала, продолжи изградбата на Турскиот театар, деблокирана е изградбата на Стариот театар во Струмица, а продолжуваме и со реконструкцијата на театарите во Куманово и Битола, Кино Партизан во Битола се прави со забрзана динамика, завршена е првата фаза од санацијата на покривот на НУБ „Св. Климент Охридски“, додека санацијата на прокиснатите делови во  НУ Македонски народен театар, се одвиваа со засилена динамика“, рече Љутков.

Во областа на заштитата на културното наследство реализацијата на програмите во 2025 година, како што рече, јасно потврдува дека грижата за културното наследство е континуирана, системска и одговорна, и се спроведува во согласност со националните и меѓународните норми и стандарди. Оваа година била обележана со интензивни активности на повеќе значајни локалитети и објекти од особено културно и историско значење за државата.

„Продолжи работата на Плаошник, како еден од најзначајните духовни и културни центри, а паралелно со тоа интензивно се реализираат активностите на Скопското Кале и музеите во овој комплекс. Работите се во напредна фаза и се очекува нивно целосно завршување до февруари или март наредната година. Започна и целосната конзервација и реставрација на Спомен домот на Разловечкото востание во селото Разловци, проект кој ќе се реализира во периодот 2025–2026 година, со вкупна вредност од 19 милиони денари. Истовремено, активно се работи и на завршување на конзервацијата и реставрацијата на стариот конак во Лешочкиот манастир, како и на капиталниот проект за заштита и реставрација на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Струмица. Меѓу значајните капитални проекти се вбројува и манастирот Трескавец, односно црквата Успение на Пресвета Богородица, за која е изработена целосна проектна документација и се поминати сите неопходни стручни контроли. Капитален проект е и Шалтер салата на Поштата, за која годинава беше ревидиран проектот за препокривање, завршени се сите стручни постапки и истиот е во завршна фаза пред поднесување за одобрение за градење до Министерството за транспорт и врски“, рече министерот Љутков.

Во однос на Аквадуктот, истајкна оти во тек е подготовка на нова повеќегодишна јавна набавка, откако претходниот договор бил раскинат поради губење на лиценцата од страна на изведувачот. Проектот за куќата на Лазар Личеновски исто така бил ревидиран и ги поминал сите стручни контроли, а се очекува во најкус можен рок да биде доставен до Министерството за транспорт и врски за добивање одобрение за градење, со планиран почеток на реализација во 2026 година. Изработен бил и повеќегодишен план со јасна финансиска динамика за театарот во Стоби, како и за завршување на проектот за Центарот за посетители. Во текот на 2025 година целосно заврши и конзервацијата на Старата џамија во селото Равен, Гостиварско. Меѓу капиталните проекти на кои интензивно се работеше годинава се и првото училиште на македонски јазик во селото Подвис, Кичевско, како и целосното финансирање на новата историска поставка во Музејот во Битола.

Тој се осврна и на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028, кој како шт рече, е клучен културен потфат за државата и главниот град.

Тоа, рече, не е само титула, туку долгорочна визија што ја става културата во центарот на развојот и го позиционира Скопје како современа европска метропола. Според него, потврдата на европската поддршка во Брисел на 20 ноември ја стабилизирала целата постапка и го насочи процесот кон транспарентно и професионално функционирање.

Во изминатиот период, Министерството за култура и туризам го консолидирало туристичкиот сектор преку институционално обединување на надлежностите, внатрешна реорганизација и усогласување на законската рамка. Формирани се функционални сектори, работни групи и Совет за промоција и поддршка на туризмот, со активно учество на приватниот сектор, стручната јавност и локалните самоуправи. Паралелно, се работи на подготовка на развојната програма за 2026 година, со фокус на одржливиот туризам, културниот и транзитен туризам, како и унапредување на работата и стандардите на туристичките водичи.

Во делот на законската регулатива, информира дека на ЕНЕР се објавени предлог-измени на Законот за авторското право и сродните права, како и два закони поврзани со управувањето и заштитата на културното наследство во Охридскиот регион, со цел имплементација на препораките од реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО. Паралелно, во Министерството се формирани работни групи за изработка на нов Закон за култура, нов Закон за заштита на културното наследство и за изработка на Национална стратегија за развој на културата за периодот 2025–2029 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ