Тој посочи дека покрај објектите кои се дел од програмата за заштита, како цркви и манастири, се реализираат и капитални инвестиции во други дејности со цел унапредување на културната инфраструктура.
„Во рамки на годишната програма, во тек е реконструкцијата на театрите во Куманово и Струмица. За струмичкиот театар, кој две до три години беше со раскинат договор, веќе има изведувач, работите се одвиваат“, информираше министерот, при што најави и работна посета во наредните десет дена.
Во моментот, како што додаде, се работи и на киното „Партизан“ во Битола, каде што активностите се одвиваат со добро темпо, а паралелно, се подготвуваат идејни решенија за реконструкција на повеќе театри, меѓу кои „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, како и театрите во Штип и Охрид.
Министерот нагласи дека се спроведуваат повеќегодишни јавни набавки и изрази очекување дека значаен дел од проектите ќе бидат реализирани во наредните години.
„Со висок интензитет продолжуваат и работите на Турскиот театар во Скопје, каде што се реализира последната фаза – сценската технологија и ентериерното уредување“, потенцираше Љутков.
Во однос на Универзалната сала, министерот изрази надеж дека до крајот на неделата ќе биде донесено решение што ќе овозможи продолжување на активностите.
Со овие активности, додаде, Министерството за култура и туризам има за цел да обезбеди современи услови за развој на културниот живот во Македонија.






