петок, 11 јули 2025

Лидерска средба ЕУ –Западен Балкан, в понеделник и вторник во Скопје

В понеделник и вторник во Скопје ќе се одржува лидерска средба ЕУ – Западен Балкан, посветенa на Планот за раст, на која ќе присуствува и еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Објавено на

часот

Сподели

Од владината прес-служба денеска информираа дека во понеделник ќе се одржи тет-а-тет средба меѓу претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и еврокомесарката Кос, по што ќе следува и билатерална средба со проширени делегации.

Во вторник ќе се одржат два панела од кои првиот ќе биде посветен на Планот за раст на Западен Балкан. На овој панел ќе се обратат премиерот Мицкоски и еврокомесарката за проширување Марта Кос, по што ќе се одржи заедничка прес-конференција.

Вториот панел ќе биде посветен на конкретните механизми и поддршка за спроведување на Планот за раст и на него ќе учествуваат министри, претставници од Европската Унија, регионални организации и меѓународни партнери.

Европската комисија вчера соопшти дека еврокомесарката за проширување доаѓа во Скопје на средба со лидерите од Западен Балкан за Планот за раст и дека покрај премиерот Мицкоски, на средбата ќе присуствуваат и лидерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.

Во најавата се посочува дека Планот за раст за Западниот Балкан нуди придобивки за шесте земји кои се подготвуваат за членство во ЕУ, па на состанокот ќе биде разгледан напредокот и ќе се дискутира за следните чекори во неговото проведување.

„Лидери ќе работат со комесарката Кос за да ги претворат обврските во акција, фокусирајќи се на критични реформи за ослободување на средствата во рамките на Планот за раст и за обезбедување видливи придобивки за граѓаните на земјите кандидати уште пред зачленувањето (во ЕУ)“, се наведува во соопштението.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Европската комисија наведува дека Самитот ќе биде можност и да се разговара за соработката меѓу шесте земји во области како што се заштитата на потрошувачите, туризмот и единствениот регионален пазар, со цел унапредување на економската интеграција на Западниот Балкан во Единствениот пазар на ЕУ.

„Како дел од дискусиите, Комисијата ќе предложи и инвестициски пакет од 87,7 милиони евра во рамките на постојната Инвестициска рамка за Западен Балкан (ВБИФ). Се очекува овој пакет да привлече речиси половина милијарда евра приватни инвестиции во проекти за чиста енергија низ целиот регион“, се додава во најавата.

Планот за раст на Западниот Балкан, кој го промовираше Европската комисија во октомври 2023 година, има за цел да го поттикне економскиот раст на регионот и да им помогне на западнобалканските земји да се приклучат кон ЕУ.

Тој предвидува средства од шест милијарди евра за финансирање на реформи и инвестиции во области, како што се енергетиката, транспортот и дигиталната трансформација. Целта на овие средства, кои ќе се исплаќаат во форма на грантови и позајмици под поволни услови, е зголемување на просперитетот и стабилноста на регионот на Западниот Балкан.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ