Потписници на Декларацијата против насилен ектремизам се архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, реисот на Исламската верска заедница Шаќир еф. Фетаху, скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, суперинтендентот на Евангелско – методистичката црква Марјан Димов, претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви, како и директорката на КОЗРГ Оливера Трајковска и директорот на МЦМС Александар Кржаловски.
„Ние потписниците на оваа декларација, верски лидери и претставници на признатите верски заедници во Република Северна Македонија, собрани во духот на взаемна почит и водени од чувството за заедничка одговорност, свесни за нашата улога за зачувувањето на општествениот мир, согласни сме со оваа декларација како израз на заедничка определба за градење на достоинствен соживот и отпорност против насилниот екстремизам. Свесни дека Република Северна Македонија е заеднички дом на различни народи, култури и верувања, како и дека соживотот е вредност којшто постојано мора да се негува и штити. Соочени со злоупотребата на верата како изговор за поделби и насилство, со сѐ почести форми на говор на омраза и процеси на радикализација кои водат до насилство и насилен екстремизам, со дезинформации, идеолошки наративи и пропаганда, што ја искривуваат суштината на верата и поттикнуваат недоверба“, пишува меѓудругото во декларацијата.
На новинарско прашање до реисот на ИВЗ Шаќир ефенди Фетаху, за тоа дали Исламската верска заедница има стратегија за помладата генерација на верници кои се сѐ повеќе мета на екстремистички групации, реисот рече „стоиме цврсто позади ставовите што денеска ги потпишавме во Декларацијата и со сите наши потенцијали во Исламската верска заедница ќе се трудиме да се реализираат сите точки од Декларацијата во целост“.
„Исламската верска заедница се труди и одлучна е да биде конструктивна верска заедница во нашето општество и секој чин кој излегува од прописите на исламската вера, односно секоја појава која е спротивна на верските прописи, ИВЗ секогаш одлучно ги осудува и ќе ги осудува“, рече реисот.
Вели Владата треба да ги известува верските заедници кога се работи за верски прашања.
„Општеството, односно Владата треба да нѐ известува за некои работи, ние сме компетентни за верски прашања, не сме компетентни за други работи. Ние се договоривме со директорката на комисијата, Оливер Трајковска, да бидеме известени и да се информираме меѓусебно за некои појави кои ни го уриваат мирот и меѓусебното почитување“, додаде реисот на ИВЗ.
Прашан за тоа дали Исламската верска заедница е свесна дека постои наплив на т.н. странски влијанија за поинакви исламски учења, Шаќир ефенди Фетаху вели тие се свесни за тоа.
„Ние сме свесни. Со сите земји каде поголем дел се муслимани, имаме добри односи и имаме потпишано Меморандум за нивната соработка да биде ексклузивно и исклучиво со институцијата која што е надлежна и компетентна по Уставот на Република Северна Македонија. Индивидуално ние секое такво влијание ќе го осудуваме и сѐ што се работи од разни земји во светот, надовр од соработката со ИВЗ е неприфатливо и бескомпромисно ќе се бориме против индивидуални активности, освен активностите и соработките од ИВЗ со другите земји“, рече Шаќир ефенди Фетаху.