Од партијата потсетуваат дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, додека била пратеник, јавно истакнувала дека етички и правно е невозможно да се повикуваме на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува „правниот статус“ на бесправно изградени објекти.
„Не може да се утврди легитимитет на нешто што е изградено спротивно на законот и ваквите решенија претставуваат директен удар врз урбанистичкото планирање и правната сигурност“, се наведува во соопштението.
Левица реагира откако Собранието вчера повторно го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходно утврдениот рок 3 март 2026 година. Со тоа, како што наведуваат, процесот што требало да биде временски ограничена и исклучителна мерка, наместо 15 ќе трае 20 години.
Според партијата, секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот на крајот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои граделе согласно прописите остануваат изиграни.
Со тоа, додаваат, се девалвира правниот поредок, се поткопува довербата во институциите и се стимулира нов бран дивоградби, бидејќи очекувањето дека „ќе има нов рок“ станува рационална калкулација.
Од аспект на владеење на правото, ова претставува преседан со сериозни последици, оценуваат од Левица, нагласувајќи дека законот кој требало да биде исклучок станува правило, а времената мерка се претвора во трајна практика. Урбанистичкото планирање, посочуваат, е инструмент за заштита на јавниот интерес, животната средина, безбедноста и квалитетот на живот.
Левица останува на ставот дека дивоградбите не смеат да бидат предмет на бесконечни амнестии, туку на системско решавање кое ќе направи јасна разлика меѓу социјалниот, неизбежниот случај и профитерската злоупотреба.
„Ја повикуваме претседателката да остане доследна на сопствените јавно искажани принципи и да не го потпише овој закон“, велат од Левица.






