Од партијата информираат дека во сите државни институции било истакнато известување дека до завршување на локалните избори нема да се исплаќаат додатоци и надоместоци на плата. Тоа значи дека работниците ќе останат без надоместоци за работа за празник, ноќна работа, работа во недела, прекувремена работа, како и за јубилејни награди, теренска работа или во случај на смртен случај во семејството.
„Расипничката власт на ДПМНЕ до крајот на изборите воопшто нема да ги исплаќа овие додатоци и надоместоци, додека истовремено троши милионски суми за службени возила, луксузни патувања и тендери за фирми блиски до власта. Очигледно е дека средствата, украдени од работниците, ќе завршат во предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ“, стои во соопштението.
Според Левица, министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска донела неуставна и незаконска одлука со која се ограничуваат права загарантирани со закон и колективен договор. Од таму додаваат дека до партијата стигнале голем број поплаки од работници кои добиле известување дека сите исплати ќе бидат стопирани до завршување на изборите.
„Редно е министерката Кочоска да ја надмине својата анти-работничка ароганција и да ја повлече оваа незаконска одлука, наместо да организира избори на грбот на работниците“, порачуваат од Левица.






