вторник, 27 мај 2025

Левица: Укинувањето на јазичните сертификати за раководни позиции – легализирање на неписменоста и фалсификатите во државната управа

Наместо фалсификуваниот ТОЕФЛ-сертификат на директорот на АНБ, Бојан Христовски, да биде повод за институционално расчистување со неписменоста и фалсификатите во државната управа, Владата избра да го легализира проблемот, реагираат од Левица на намерата на Владата за законски измени со цел укинување на условот за стекнат сертификат за познавање странски јазик за носители именувани функционери на јавни институции.

Објавено на

часот

Сподели

„На 38-та седница, Владата донела срамен заклучок со кој ги задолжува министерствата да подготват измени на законите со цел задолжителноста на меѓународно признат јазичен сертификат за директорите да биде заменет со ‘обична потврда’ за познавање на англиски, француски или германски јазик – уверенија кои се без никаква реална проверлива вредност. Со овој чекор, Владата отворено признава дека нејзиниот главен проблем не е недостигот на кадри, туку недостигот на писмени кадри – а решението што го нуди е класичен обид за легализација на неписменоста, по мерка на партиската и корумпирана елита“, се вели во соопштението на Левица.

Од партијата сметаат дека власта наместо да прави суштински и реформски измени во полза на народот – во собраниска процедура постојано турка закони по нивна сопствена мерка, „во полза на нивните некадарни сопартијци, а не на народот“.

„Сега, наместо измени на Законот за животната средина во насока на заострување на мерките против загадувачите – Владата предлага измени со една и единствена цел: директорот на Управата за животна средина да не мора да поседува меѓународно признат јазичен сертификат. И ова не е прв ваков предлог-закон. По овој шаблон се кројат и други закони, како што беше и Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кој исто така се намалија стандардите за директор.

Левица најостро го осудува овој срамен обид за задоволување на клиентелистичките интереси на владејачката гарнитура, при што се разградуваат стандардите за стручност, отчетност и транспарентност при именување на раководни позиции. Особено симптоматично е што оваа пракса претставува директно продолжување на механизмот што со години го практикуваше поранешната власт, предводена од ДУИ. Иако денес ДУИ не е дел од власта, ВМРО-ДПМНЕ очигледно ги презема истите методи за партиско вработување – сега институционализирани преку промени на законски норми. Наместо санкции за фалсификати, добиваме политичко прилагодување, со кое фалсификатот не се казнува, туку се унапредува во ново правило“, велат од Левица.

Исто така, Левица потсетува дека „неписменоста во институциите е симптом на длабок системски проблем: клиентелизам, непотизмот и партизацијата во сржта на државниот апарат“.

„Овој чекор е уште една епизода во долгата серија на обесмислување на државата и нејзините институции – преку укинување на мерит-системот и воспоставување режим на партиска послушност наместо професионализам!“, порачуваат од Левица.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ