Во центарот на шемата, според Левица, се наоѓа Марјан Панов – Лиса, претседател на таканаречениот Патриотски институт и близок соработник на актуелниот кандидат за градоначалник на Пробиштип, Томе Тодоровски – Тозо. Како што велат од Левица, Панов е сопственик на приватната агенција за обезбедување „Секјурити фокс”, која обезбедува два рудници, „Булмак“ во Пробиштип и „Тораница“ во Крива Паланка.
Дополнително, Левица соопшти дека во шемата е вклучена и пратеничката Драгана Арсова, чие семејно возило е регистрирано како дел од возниот парк на истата агенција за обезбедување.
„Клучен играч во оваа мрежа на интереси е и Тони Тоневски, директор на рудниците и кандидат за нов мандат како градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој, ја контролира исхраната во рудниците, додека Панов го контролира обезбедувањето, со што, како што велат од Левица, се заокружува партиската контрола и приватниот профит врз грбот на рударите“, велат од Левица.
Партијата најавува институционална борба против ваквите организирани и партиски поврзани бизнис-интереси кои ги злоупотребуваат работниците и јавниот систем.