Во Струга кандидатка е пратеничката Јована Мојсоска, дипломирана на Факултетот за безбедност и актуелен генерален секретар на Левица. Од партијата порачуваат дека нејзиното искуство и активност се гаранција за решавање на локалните проблеми и заштита на јавниот интерес.
Во Тетово ќе настапи д-р Катка Божиновска, доктор на правни науки и професорка на Државниот универзитет во Тетово. Според Левица, нејзиниот академски и професионален ангажман се гаранција за враќање на законитоста и владеењето на правото во општината.
Кандидат на Левица во Гостивар е Дарко Грујоски, ИТ-специјалист со завршени студии по компјутерски науки и технологии. Тој, како што наведуваат од партијата, претставува новата генерација професионалци подготвени да понудат современи решенија и поголема транспарентност во локалната самоуправа.
Партијата остро реагира на одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да нема свои кандидати во овие општини, под „притисок“ од коалициските договори со Вреди. Левица ова го оцени како „понижување и обезличување на македонскиот народ во западниот дел на државата“.
„Нашите кандидати се луѓе со кредибилитет, знаење и професионални компетенции, личности кои ќе управуваат врз основа на идеологија и програма, а не врз етнотрибализам, клиентелизам и корупција“, стои во соопштението.
Партијата повикува на мобилизација на сите граѓани кои, како што се наведува, сакаат промени и вистински вредности во своите општини.






