„Најавата дека ЕСМ ја нуди струјата по 65 евра/MWh целосно ја демантира владината приказна за стабилност и сигурност во снабдувањето. Граѓаните ја плаќаат струјата двапати, преку зголемените сметки и преку буџетски средства со кои Владата ги субвенционира цените, со што ја прикрива штетата од своите погрешни политики и скапи менаџерски одлуки.
РЕК наместо да го штити јавниот интерес настапува како сервис на монополските компании. Со непроблематично прифаќање на нивните трошоци и без реална проверка на ефикасноста, ги претвара своите одлуки во инструмент за озаконување повисоки тарифи на сметка на граѓаните, додека компаниите стопанисуваат со инфраструктура изградена со јавни пари и самопридонес“, се вели во реакцијата на Левица.
Од партијата нагласуваат дека во услови на инфлација и растечака енергетска сиромаштија секое ново „само 5%“ покачување претставува директен удар врз достоинствениот живот на илјадници домаќинства.
„Наместо вложување во домашно производство, обновливи извори и енергетска ефикасност, Владата толерира стареење на мрежата, енергетска зависност од увоз и одлив на профит кон приватен и странски капитал, а народот се третира како ‘варена жаба’, навикнуван на постепено уништување на сопствениот стандард.
Левица ја одбива оваа политика на тивко варење на народот и бара итно ревидирање на најновите одлуки на РЕК, јавно објавување на пресметките и проектите кои ќе се реализираат со парите од поскапувањето, независна анализа и одговорност за работењето на ЕСМ, промена на методологиите за формирање на цени со вградена заштита на стандардот на граѓаните, воведување на јавни мерки за помош на енергетски сиромашните домаќинства и транспарентни јавни расправи пред секое значајно ценовно поскапување.
Левица ќе продолжи да се спротивставува на политиките кои го штитат профитот на монополите на сметка на граѓаните и ќе се бори за враќање на клучните енергетски компании во рацете на народот“, порачуваат од Левица.






