Од партијата посочуваат дека зголемените критериуми за избор во наставно-научни звања, со обврска од шест до седум научни трудови, најголем дел објавени во списанија индексирани во Веб од сајенс и Скопус (Web of Science и Scopu), ќе создадат финансиска бариера за младите истражувачи. Според Левица, објавувањето во вакви списанија чини илјадници евра по труд, средства кои, како што тврдат, државата не ги обезбедува системски.
„Со овие измени, професори ќе можат да станат само оние што имаат лични или семејни ресурси да ги покријат трошоците за публикации и конференции“, се наведува во реакцијата. Од таму оценуваат дека на тој начин науката се претвора во пазар, а универзитетот во механизам за социјална селекција.
Партијата реагира и на одредбата со која новоизбраните редовни професори би подлежеле на реизбор по седум години, додека веќе избраните би биле изземени од оваа обврска.
Левица се спротивставува и на предлогот за продолжување на мандатот на ректорите од три на четири години, оценувајќи дека ваквата промена, во комбинација со измените во моделот на избор, отвора простор за политичко влијание врз универзитетите.
„Ректорот треба да биде прв меѓу еднаквите, а не партиски поставен управител“, наведуваат од партијата.
Како еден од најголемите пропусти во законските измени, од Левица го посочуваат отсуството на социјална компонента и недостигот од визија за бесплатно високо образование. Во таа насока ја наведуваат Словенија како пример за држава која со бесплатно и достапно високо образование привлекла студенти од регионот и задржала дел од нив во сопствениот економски и научен систем.
Наместо фокус на рангирања и формални критериуми, од Левица повикуваат на јавно финансирање на научни публикации, социјална достапност на академската кариера и заштита на автономијата и академската слобода на универзитетите.






