Во своето соопштение, Левица потсетува дека Министерството за одбрана јавно објави конкурс за прием на 60 кандидати во различни служби, а дури 74 лица успешно ги поминале сите селекциски фази, вклучително и физички и медицински проверки. Најуспешните кандидати до последен момент биле во уверување дека се примени согласно ранг-листата и објавените критериуми. Но, со конечното решение потпишано од министерот Владо Мисајловски, примени се само 29 кандидати, без никакво објаснување за останатите.
„Остануваат непополнети 31 позиции, а 15 кандидати кои требаше да бидат избрани, не се најдоа во решението на министерот без притоа да им се даде било какво образложение“, реагира Левица.
Од партијата прашуваат дали овие позиции се намерно оставени за подоцнежно пополнување преку посебен конкурс со спуштени критериуми, врз основа на политички пазарења и етнички клуч, особено по јавните реакции од страна на ДУИ за наводно недоволна застапеност на Албанци меѓу примените кандидати.
„Дали ова е уште една потврда дека во НАТО членката Македонија, стручноста и заслугите се жртвуваат заради политички договори?“, прашуваат од Левица.
Партијата оценува дека целата постапка претставува флагрантна дискриминација и директен удар врз довербата на младите во институциите, со што дополнително се поттикнува одливот на образован и квалитетен кадар во странство.
„Постојат цврсти правни основи за најмалку 15 управни и судски тужби против Министерството за одбрана поради самоволно игнорирање на конкурсните одредби. Секој изгубен процес ќе се плаќа од џебот на граѓаните“, наведуваат од Левица, обвинувајќи го министерот Мисајловски дека на прво место ги става партиските директиви, а на последно интересите на граѓаните и државата.
Левица бара итно поништување на решението, транспарентно објавување на причините за одбивањето на кандидатите кои ги исполнуваат условите, како и пополнување на сите 60 предвидени места – без партиски или етнички калкулации.
„Македонската армија мора да се гради врз принципи на заслуги, стручност и еднакви можности, а не врз политички пазарења и дискриминација“, порачуваат од партијата.






