Средбата претставувала продолжение на претходните дискусии и консултации во кои биле разменети искуства, разгледани законски и подзаконски акти, компаративни примери, како и анализи и предлози за функционирањето на системот за заштита од семејно насилство. Целта, како што се наведува, била овие согледувања да се обединат и систематизираат во рамки на идните активности на работната група.
На средбата било истакнато дека проблемот на семејното насилство не може да се третира само преку законските одредби, туку е потребен сеопфатен пристап што ги опфаќа институционалните практики, подзаконската регулатива и протоколите за постапување, како и соработката меѓу институциите при постапување во конкретни случаи.
Учесничките посочиле дека е неопходно да се разгледаат повеќе аспекти од системот – од можни законски измени, преку иницијативи и мерки на централно и локално ниво, па сè до унапредување на постојните подзаконски акти што го регулираат институционалното постапување.
Воедно било нагласено дека постојните механизми за заштита често се соочуваат со предизвици во практичната примена, особено во делот на координацијата меѓу институциите, навременото реагирање и доследното спроведување на заштитните мерки.
Работната група, како што информираат од партијата, ќе продолжи со својата работа и во наредниот период преку дополнителни консултации, анализи и работни средби, со цел во најкус можен рок да се формулираат предлози за унапредување на институционалниот одговор и зајакнување на системот за заштита од семејно насилство.
Од Левица посочуваат дека ваквиот пристап е дел од нивната поширока заложба за градење систем што ќе функционира навремено, одговорно и во интерес на граѓаните, нагласувајќи дека заштитата на жртвите од насилство мора да се одрази во конкретни институционални политики и практики, а не да остане само декларативна обврска.






