„По измените од 2023 година, за кои ДПМНЕ обезбеди кворум, клучното прашање не е колку предмети застареле, туку дали по овие измени воопшто ќе одговара некој носител на јавна функција?
Уставниот суд во февруари поведе постапка по измените од 2023 година и даде рок од шест месеци за исправка. Тој рок беше пробиен. Како и ветувањата на ДПМНЕ. Наместо транспарентна дебата, на 17 декември, во последен момент, беа поднесени предлог-измени без јавна дебата, без експертска анализа и без вклучување на стручната јавност.
До овој момент тие измени не се закажани ниту за прво читање што укажува на план за уште едно избрзано и нетранспарентно носење закон со далекусежни последици.
Власта лаже кога тврди дека со овие измени ја враќа правдата“, се вели во соопштението на Левица.
За ваквите изнесени тврдења Левица изнесува повеќе свои аргументи, кои ги нарекува – факти.
„Кај злоупотреба на службената положба се брише можноста за кривичен прогон по основ на ‘поголема повреда на правата на друг’, со што директно се стеснува инкриминацијата.
За прибавување значителна имотна корист казната се намалува од 3 до 20 години затвор, на 1 до 8 години.
За злоупотреба на јавни пари иако формално се ‘враќаат’, казните се сведуваат на 4 до 10 години, наместо претходните 5 до 20 години затворска казна.
Кај несовесно работење во службата се намалува кривичната одговорност и се сведува на парична, наместо на затворска казна.
Ова не е заострување на казнената политика. Ова е правна рамка за поблаги казни и избегнување одговорност“, тврдат од Левица.
Според Левица, вистината е јасна.
„ДПМНЕ свесно чекаше предметите на нивните функционери да застарат, за сега со козметички поправки да ја замаскира сопствената неодговорност. Ова не е враќање на правдата. Ова е амнестирање на високата корупција“, порачуваат од опозициската партија.






