„Иако ДПМНЕ овие измени сака да ги претстави како санација на штетните измени на Кривичниот законик од 2023 година за кои тие обезбедија кворум и врз основа на кои измени застареа над 80 предмети и се амнестираа нивни функционери, фактички, малициозно, манипулативно тие ја ублажуваат казнената политика и го олабавуваат обемот од претходниот Кривичен законик“, велат од Левица.
Според партијата, со предложениот текст од ДПМНЕ се создава правна рамка што овозможува побрзо застарување, поблаги санкции и реална можност за условни казни за најтешките форми на корупција.
„Поднесените амандмани се во насока на укажувањата на Уставниот суд и потребата од заострување на казнената политика за кривичните дела сторени од страна на службени и одговорни лица кои вршат јавни функции, имајќи предвид дека искуството ни покажува дека истите често се склони кон злоупотреби за време на вршење на својот мандат“, се додава во соопштението.
Левица предлага зголемување на казните и враќање на старата одредба која едноставно го опфаќа секој елемент од злоупотребата при јавните набавки, како и одземање на прибавената имотна корист при злоупотребите на позицијата.
За делото „Несовесно работење во службата“, партијата предлага покрај заострувањето на казните и вклучување на министрите, директорите и службените лица од органите на државната управа во одговорноста, што не е предвидено во измените предложени од пратениците од ДПМНЕ. Амандмански е предвидено казнување и доколку делото е сторено од небрежност.
„Јавноста е крајно огорчена и високата корупција и криминал на носителите на јавни функции не може повеќе да останат без вистински одговор. Секое одложување или попуштање само ја продлабочува недовербата во правниот систем и ја легитимира злоупотребата на службената положба. Ги повикуваме пратениците на утрешната комисиска седница да ги поддржат амандманите на Левица“, се заклучува во соопштението на партијата.






