недела, 25 јануари 2026

Левица: Поранешен началник од Министерството за земјоделство осигурал туѓи поседи и ги користел субвенциите

Поранешниот началник на подрачната единица на Министерството за земјоделство – Кавадарци, Митко Керов, инаку член на СДСМ, злоупотребил податоци за да осигура поседи во сопственост на граѓани неколку години по ред, во соработка со осигурителни компании и ги користел субвенциите за премиите за осигурување на поседи од државата, се посочува во соопштението од ПП Левица.

Објавено на

часот

Сподели

„Таргет на поранешниот началник биле возрасни граѓани кои вообичаено не пристапуваат на софтверите за услугите на министерството, така што истите не би дознале дека нивните поседи се осигурани без тие самите и да се појават при потпишувањето на договорите!

Керов, во соработка со осигурителни компании, ги осигурувал поседите, аплицирал за субвенции за покривање на премиите и добивал свој дел од колачот.
Изненадувачки за граѓаните бил ненадејниот имот со кој се стекнал Керов откако станал началник на подрачната единица, а сега веќе станува и јасно зошто.

Тиквата на криминалната мрежа пукнала во моментот кога поседите мрзнеат во текот на последните неколку сезони, а земјоделците аплицираат на јавните повици за обештетување во своите општини. По правилниците, оние земјоделци чии поседи се веќе осигурани во осигурителни компании, немаат право на нова помош, така што земјоделците дознаваат дека се осигурани, без воопшто да аплицираат самите“, се вели во соопштението на Левица.

Во обид да се спречи ескалација на ситуацијата, наведуваат од Левица, Митко Керов преку физичко лице (негов татко), И. Керов, уплаќа симболични суми на сметките на сите граѓани кои аплицирале за обештетување, а биле одбиени по овој основ, а во цел на дознака наведува “штета за 2024 година“. Истиот веројатно очекувал на тој начин овие лица да не почувствуваат дека немаат добиено средства.

„На овој начин, Керов има ноторна злоупотреба на службената положба и овластување, како и злоупотреба на државни средства за субвенционирање!

Структури од ДПМНЕ се запознаени со овие злоупотреби, но наместо да постапат, свесно молчат и не преземаат ништо. Напротив, одат чекор понапред и вршат притисок за овој скандал да не излезе во јавност, да се релативизира и заташка, за да не се отвори поширока истрага која би ја разоткрила целата мрежа на корупција и институционално прикривање.

Го повикуваме Јавното обвинителство да ги провери сметките на членовите на семејството Керови, како и сопствениците на осигураните поседи, да ги испита наводите од лицата од Кавадарци и Росоман, по потреба да ја прошири истрагата во останатите локални самоуправи и да преземе соодветни мерки“, упатуваат повик од Левица до ЈО..

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ