Според партијата, Ристовска, спротивно на обврските од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, не пријавила целосна и вистинита имотна состојба, која ги опфаќа и личниот имот и имотот на членовите на семејството. Иако била должна, не пријавила две компании во сопственост на членови на нејзиното семејство.
Од Левица тврдат дека станува збор за свесно и намерно прикривање имот, имајќи предвид дека компаниите што не биле пријавени добиле два милиона денари од партијата дпмне, што, според нив, претставува награда за непостапување против нивни функционери.
Како што се наведува, оваа теза дополнително ја поткрепува фактот што поранешната антикорупционерка во анкетниот лист го пријавила останатиот имот на своите деца, но не ја навела фирмата што постои од 2020 година.
Во соопштението се додава дека Ристовска станала симбол на корупција во институцијата која треба да се бори против високата корупција. Од партијата посочуваат дека таа била директна инсталација на владејачката партија, која, според нив, амнестирала двајца високи функционери – Бојан Христовски и Ивица Томовски.
Левица смета дека оставката од функцијата не е доволна и бара одговорност за, како што наведуваат, свесното прикривање имот. Дополнително, партијата повикува на ревизија на сите предмети што ги работела Ристовска, со цел, како што истакнуваат, да се спречи заштита на корупцијата на највисоко ниво.






