Според Левица, се работи за план со политичка агенда, диригиран од „Белата палата“, кој има за цел да создаде „удобен партнер“ во синдикалната сфера, спомнувајќи го конкретно Синдикатот на КСС како организација блиска до власта, која, според нив, функционира како продолжена рака на владејачкото мнозинство.
„Владата не само што ги одби сите конструктивни законски предлози од наша страна – за патни трошоци, зголемено породилно отсуство, навремена исплата на плата – туку сега се обидува и да го контролира синдикалното претставување,“ се наведува во соопштението.
Левица прашува дали е точно дека се вршат насоки до јавни претпријатија и акционерски друштва за формирање синдикати под капата на КСС. Од партијата порачуваат дека таквиот потег ја потврдува немоќта на Владата да се соочи со реалните проблеми на работниците.
„КСС е единствениот синдикат кој јавно се дистанцираше од Првомајските протести – денот на трудот и отпорот – со што потврди отсуство на ангажман во вистинската синдикална борба,“ нагласуваат од Левица.
Партијата ја повика Владата на искрен дијалог со автентични претставници на работниците, а не на создавање декор-синдикати кои ќе молчат и ќе служат како легитимација на политичките неуспеси. Воедно упатија апел до сите синдикалци и граѓани да не подлегнуваат на притисоци и манипулации, со пораката: „Работничката борба не смее да биде марионета на власта.“