Само неколку месеци подоцна, еден ден пред Нова година, истата таа Влада со потпис на премиерот ги скрати речиси сите средства за овие проекти. Со тоа, како што наведуваат од партијата, власта на ДПМНЕ ја разоткрила својата вистинска намера, која не била реализација на културни проекти, туку предизборна политичка манипулација.
„Од првично планираните 135,5 милиони денари за 13 проекти низ општините, Владата остави само 14,8 милиони денари за три селективно избрани проекти, додека останатите, меѓу кои мултикултурниот центар во Аеродром, заштитата на Скопска чаршија, Исарот во Штип, конзервацијата и реставрацијата на фрескоживописот во црквата во Мокрино и низа други, останаа со нула денари и само со предизборни фалби и фотографии“, посочуваат од Левица.
Според партијата, ова е јасен доказ дека културата била злоупотребена како предизборен маркетинг, наместо да биде третирана како јавен интерес.
Дополнително, од Левица укажуваат дека Владата воопшто нема намера да инвестира во општините, бидејќи наместо обезбедување средства за 2026 и 2027 година, со владина одлука проектите се пролонгирани за 2028 година, што, како што велат, практично значи нивно ставање во фиока и тивко згаснување.
„Ова е уште еден пример за класична изборна измама – прво се ветуваат и одобруваат средства за собирање политички поени, а по изборите парите се кратат и граѓаните повторно остануваат излажани“, велат од Левица, барајќи од Владата да одговори зошто се укинуваат средствата за најавените проекти и кој ќе понесе политичка одговорност за, како што наведуваат, грубата манипулација со очекувањата на граѓаните.






