На повикот може да се пријави секој полнолетен граѓанин кој може да е член на Левица, но и партиски неопределен, а кој, според партијата, се води од принципи, а не од интерес и суета, кој е подготвен да се фати во костец со корупцијата, криминалот и урбаното дивеење и кој има конкретна визија за подобра општина и подобар живот.
Заинтересираните кандидати треба да се пријават на електронската адреса на Левица contact@levica.mk најдоцна до 10 јули 2025 година. Кон пријавата треба да се приложат биографија, мотивациско писмо и 10 приоритетни мерки и проекти за општината за која аплицираат, како и визија за развојот на таа општина.
„Не смееме повеќе да им го препуштаме управувањето на истите кои со години ја уништуваат нашата сегашност и ни ја крадат иднината. Не смееме да им дозволиме на естаблишментските партии и докажаните криминогени структури да продолжат да ги пустошат нашите општини. Твојата одлука, твојата храброст, може да биде искрата на промената. Ако го носиш во себе гневот од неправдата, љубовта кон народот и визијата за достоинствен живот – исправи се, пријави се. Историјата не ја пишуваат оние кои чекаат – туку оние што се осмелуваат да дејствуваат.“, велат од Левица.