четврток, 12 март 2026

Левица: Наместо итно да интервенира, РКЕ се повикува на административни процедури

Додека цените на нафтените деривати на светските пазари осцилираат од час во час, цените на бензинските пумпи во Македонија остануваат тврдоглаво високи согласно куповната моќ. Ова е резултат на систем во кој државата и нафтените компании функционираат во симбиоза на штета на граѓаните. Наместо вистинска конкуренција и брзо пренесување на падот на цените до потрошувачите, пазарот на горива кај нас е силно концентриран во рацете на неколку големи компании, кои практично ја диктираат ценовната политика, се наведува во соопштението на Левица.

Објавено на

часот

Сподели

Левица ја обвинува Регулаторната комисија (РКЕ) дека наместо да ги заштити граѓаните, таа ја „бетонира“ високата цена на горивата.

Според партијата, регулаторот не ги користи законските можности за вонредна корекција на цените, што создава простор за високи маржи на нафтените компании и олигопол на пазарот

Левица обвинува дека актуелниот модел на регулирање на цените на горивата е неправеден и не обезбедува доволна заштита за граѓаните, посочувајќи дека Регулаторна комисија за енергетика со своите правилници и методологии ја одржува високата основица за пресметка на цените.

„Наместо институцијата која треба да го штити јавниот интерес да интервенира во услови на промени на пазарот, РКЕ се повикува на административни процедури. Со тоа на нафтените компании им се остава простор да ги задржат високите маржи и да остваруваат дополнителни профити“, велат од Левица.

Од Левица посочуваат дека правниот проблем станува уште поочигледен ако се земе предвид дека Закон за енергетика ја предвидува заштитата на потрошувачите како една од основните цели на енергетската регулација. Законот, исто така, овозможува и вонредни корекции на цените во услови на значителни пазарни промени.

„Наместо да ја искористи оваа законска можност за ублажување на ценовниот притисок врз граѓаните, РКЕ дозволува цените да останат високи и покрај променетите пазарни услови. Ваквата состојба создава средина погодна за олигопол на пазарот на горива, односно ситуација во која неколку големи компании имаат доминантна контрола врз снабдувањето и цените. Во економската теорија ова се дефинира како пазарна концентрација со ограничена конкуренција, каде што цените не се формираат исклучиво според пазарната логика, туку и преку однесувањето на доминантните компании. Како резултат на тоа се создава добро познатата појава, цените на горивата бавно се намалуваат кога светските берзи паѓаат, но многу брзо растат кога има поскапување“, велат од Левица.

Дополнително, од Левица оценуваат дека институциите не придонесуваат за стабилност и предвидливост на пазарот, туку дозволуваат атмосфера на неизвесност која може да предизвика панично купување меѓу граѓаните.

Партијата ја отвора и темата за тоа каде завршуваат средствата кои државата ги собира преку акцизите и данокот на додадена вредност од горивата. Според нив, наместо тие средства да се инвестираат во подобрување на јавните услуги како здравството, образованието или социјалната заштита, дел од приходите се насочуваат кон скапи воени набавки, обврски поврзани со членството во НАТО и, како што тврдат, сомнителни тендерски зделки.

„Ваквиот модел на регулација е структурно погрешен и создава систем во кој енергетскиот пазар станува зависен од неколку големи компании и од политички интереси. Токму поради тоа предлагаме укинување на Регулаторна комисија за енергетика како независно тело и нејзино интегрирање во рамките на идното Министерство за енергетика. Воедно, бараме воспоставување нов модел на регулирање на енергетскиот пазар со посилни механизми против пазарна концентрација, поголема транспарентност во формирањето на цените и директни мерки за заштита на потрошувачите“, велат од Левица.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ