Одлуката официјално потврдува дека ДКСК вршела дискриминација и виктимизација врз Апасиев и партијата Левица, со цел да се замолкне обелоденувањето на аферите и критиките кон власта. Левица укажува дека ова е резултат на неправилностите и аферите во рамките на Комисијата кои таа јавно ги разобличила пред македонската јавност.
Откако Левица ги истакнала фактите за непријавените фирми на синовите кои добивале милионски средства од партиските каси, оставка поднесе антикорупционерката Цвета Ристовска. Покрај тоа, претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, поднесе оставка по предлог за разрешување доставен до Собранието од страна на Левица.
Во конкретниот случај, ДКСК му изрекла прекршочна казна на Апасиев за наводно неподнесен анкетен лист, без да му биде доставено решение и без истото да биде објавено на официјалната веб-страница, како што тоа изрично го налага законот. Со ваквото постапување, Левица истакнува дека му е ускратено правото на правен лек, што претставува директна дискриминација.
Апасиев најавува тужба за надомест на штета и најавува дека ќе бара одговорност за незаконитото постапување пред надлежен суд.
Од Левица посочуваат дека ќе продолжат да ги обелоденуваат коруптивните однесувања на функционерите во власта и нема да дозволат институциите да се користат како инструмент за политички притисок и пресметка со оние кои разобличуваат коруптивни практики. Борбата за владеење на правото, еднаквоста пред законите и институционалната одговорност продолжува.






