Според податоците на волонтерскиот кризен штаб „Сапорт Кочани“ третманот се врши без специјализирана опрема – со кофи, влажни крпи и во отсуство на основна хигиенска и техничка поддршка. За разлика од условите во Бугарија, каде пациентите биле згрижени со современа опрема, кај нас се чувствува отсуство на системска грижа и институционална поддршка.
„Иако во болницата беше донирана хипербарна комора, истата не е ставена во полн капацитет поради недостиг од стручен кадар – досега третман примила само една пациентка, и тоа со одлични резултати. Ова е директен показател колку е важно болницата веднаш да се екипира со стручњаци“, велат од Левица.
Од партијата додаваат дека информациите од Владата се недоволни и неконзистентни, додека јавноста и пациентите зависат единствено од трудот на волонтерите.
„Итно е потребна реорганизација и сериозно зајакнување на капацитетите на болницата. Формираниот кризен штаб при Министерството за здравство исчезна од јавноста веднаш по трагедијата, а нема информации дали и понатаму функционира. Владата мора да постави стручен тим што ќе биде постојано присутен на терен, кој ќе комуницира со персоналот и ќе реагира во реално време на секој пропуст“, предупредуваат од Левица.
Партијата бара итна интервенција од централната власт со цел да се спречат дополнителни штети по здравјето и животот на повредените.