„Ова го предлагаме веднаш по најголемото задолжување во историјата на Република Македонија – шест милијарди евра. За да се избегнат штетните ефекти од евентуални мерки на штедење, потребно е веднаш да се зголеми минималната плата“, изјави Мециновиќ.
Тој ја критикуваше Владата и владејачката коалиција за, како што рече, системско разбивање на синдикалното организирање и притисоци врз работниците.
„Јавноста беше сведок на дискредитации, манипулации и директни притисоци врз синдикалното движење. Сега сме во фаза каде што челници од ВМРО-ДПМНЕ вршат притисок работниците да го напуштат автентичниот синдикат и да преминат во алтернативни, структури кои тврдат дека и сегашната минимална плата е доволна“, додаде тој.
Мециновиќ нагласи дека сегашната минимална плата од 24.000 денари не е доволна за основна егзистенција и дека „граѓаните бројат денари и денови како да преживеат во услови на инфлација“.
„Од енергетската и корона кризата, па наваму, видовме како профитот на најголемите компании расте. Затоа товарот од економската криза мора конечно да го сноси бизнис-елитата, а не обичниот работник“, потенцираше пратеникот.
„Овој закон не ги ни исполнува потребите на нашите граѓани, но е чекор напред кон подобрување на нивната куповна моќ и егзистенцијална сигурност. Време е да се прифати ова решение“, заклучи Мециновиќ.