понеделник, 15 декември 2025

Левица ќе поднесе иницијатива за разрешување на претседателката на ДКСК

Пратеникот на Левица Борислав Крмов, како член на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувања, ќе поднесе предлог за разрешување на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Татјана Димитровска, соопшти партијата.

Објавено на

часот

Сподели

„Недозволиво е Собранието да биде пасивно и да чека самата претседателка да поднесе оставка од морални причини, кога против Димитровска се водат две кривични истраги и истата повеќе од два месеци не доаѓа на работа. Дополнително, при постапката за избор на претседател на ДКСК, секој кандидат мора да поднесе уверение дека против него не се води кривична постапка. Овој принцип мора да важи во текот на целиот мандат и претставува основ Собранието да ја разреши претседателката Татјана Димитровска, како надлежно тело кое го врши изборот и разрешувањето на составот на Државната комисија за спречување на корупција“, соопшти Левица.

Левица, се додава во соопштението, од самиот момент кога Димитровска доби статус на осомничена во случајот „Адитив“, побара оставка и од целокупниот состав на комисијата, затоа што целосно е компромитиран и нарушен интегритетот за работа на ова тело.

„Наместо премиерот Христијан Мицкоски и спикерот Африм Гаши да ги констатираат само лошите законски решенија, кои им овозможуваат неограничена законска заштита на избраните функционери, ги повикуваме како владејачко мнозинство да иницираат законски измени на Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, со цел конечно воспоставување на професионални критериуми и стандарди за работа на ова тело, каде самите членовите ќе подлежат на висока одговорност и отчетност пред граѓаните, наместо да бидат партиски послушници на властите“, соопшти Левица.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ