Од партијата велат дека Рамадани, во јавно обраќање од дијаспората, наместо да зборува за проекти и развој на општината, со шовинистичка реторика го глорифицирал сепаратизмот на т.н. „Илирида“, со што директно промовирал национална и етничка омраза против македонскиот народ.
Во соопштението се наведува и дека Рамадани потврдил обединување со ДУИ во вториот изборен круг против кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, што, според Левица, ја демонстрира „сервилноста на Христијан Мицкоски кон помалиот коалиционен партнер“.
„Иако Мицкоски предводи влада со апсолутно мнозинство и со политички наратив дека нема да ’коленичи’, ВМРО-ДПМНЕ ги остави Тетово, Гостивар и Струга без свои кандидати за градоначалници“, велат од Левица.
Според партијата, ваквите штетни наративи од политичари „заглавени во минатото“ создаваат само поделби и нетрпеливост, додека граѓаните масовно се иселуваат од земјата поради сиромаштија и корупција.
„И на сите овие анти-македонски изјави, кои го понижуваат достоинството на македонскиот народ, Мицкоски одбира да молчи за да го сочува мирот во сопствената влада“, порачуваат од Левица, прашувајќи дали премиерот „ќе остане нем набљудувач пред изјавите на своите коалициони партнери кои шират омраза и глорифицираат сепаратизам против унитарниот карактер на Републиката“.






