понеделник, 9 јуни 2025

Левица и СДСМ здружено против Тошковски, склучил тендер со фирма со блокирани сметки

Политичката партија Левица денеска преку соопштение изрази загриженост за начинот на кој, како што велат, Министерството за внатрешни работи (МВР) спроведува јавни набавки, претворајќи ги институциите на државата во алатка за фаворизирање на приватни интереси и злоупотреба на буџетски средства. Од СДСМ пак, обвинија дека Тошковски продолжува со скандали и криминал, овој пат за тендер доделен на фирми формирани 20 дена пред распишување на истиот.

Објавено на

часот

Сподели

Од партијата посочуваат дека МВР склучила договор со битолска компанија со три блокирани сметки од 2023 година и актуелна блокада за опремување на одморалиштата со постелнини и кујнски инвентар.

„Левица ја информира јавноста и за уште еден скандал поврзан со јавните набавки на Министерството за внатрешни работи – овојпат за договор вреден 18.821.466 денари, склучен со битолска компанија ММ Пак Еленик ДООЕЛ. Станува збор за компанија со три блокирани сметки од 2023 година и актуелна блокада, со само пет вработени. Приходот кој оваа блокирана компанија ќе го оствари преку овој тендер е три пати поголем од нејзиниот досегашен годишен приход. Сепак, МВР склучува договор за опремување на своите одморалишта со постелнини и кујнски инвентар по крајно сомнителни и очигледно пренадувани цени. Цените на предвидените артикли за набавка се повеќекратно повисоки од оние во стандардната малопродажба коишто граѓаните редовно можат да ги најдат на рафтовите. Наместо поефтини услови, какви што обично се добиваат при набавки на големо, МВР прифаќа понуди кои се директно штетни за државниот буџет. Па така, на пример, од народниот буџет ќе издвоиме 1.650 денари за еден кујнски нож, 495 денари за една жица за матење, 33.000 денари за еден блендер, 8.250 денари за една супиера и слично“, велат од партијата.

Левица потсетува и на случајот со фирмата „Дон Холдинг“ која, како што велат, според претходните јавни настапи на ВМРО-ДПМНЕ, била поврзувана со сериозни злоупотреби во времето на поранешниот министер Оливер Спасовски.

„Наместо да се преиспитаат тие постапки, новото раководство на МВР повторно склучува договори со истата компанија, без никакво јавно образложение. Очигледно, Министерството на Тошковски, наместо да биде примарна институција на закон и ред, продолжува да биде извор на сомнителни финансиски трансакции“, се наведува во соопштението на Левица.

Од СДСМ пак, обвинија дека Тошковски продолжува со скандали и криминал, овој пат за тендер доделен на фирми формирани 20 дена пред распишување на истиот.

„Ова е класичен пример на тендерските мрежи на ДПМНЕ, тука мириса на корупција и злоупотреба на службена должност. Министерството под водство на Тошковски намерно ги отстранило сите критериуми што би овозможиле транспарентна и правична конкуренција – нема услов за претходно искуство, нема минимум приходи, нема проверка на реални капацитети. Наместо тоа, тендерот е шиење по мерка – не за полицијата, туку за партиските и бизнис интереси блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Кој ќе ги шие униформите? Ле Бранд од битолската улица или некоја анонимна трета фирма? Каде завршуваат парите на граѓаните? Кој ќе одговара ако униформите не стигнат, или ако бидат небезбедни и неупотребливи за полициските специјалци? Панче Тошковски нема веќе легитимитет да ја води институцијата која треба да биде симбол на интегритет и правна држава. Бараме јавно обвинителство веднаш да отвори постапка за сомнеж за злоупотреба на службена должност, местење на тендер и можно перење пари. Бараме поништување на скандалозниот тендер и отворање транспарентна постапка со јасни и објективни критериуми“, велат од СДСМ.

Владата распиша и додели тендер вреден четири милиони евра на две фирми за шиење на нови униформи за полицајците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ