петок, 16 мај 2025

Левица го обвинува ВМРО-ДПМНЕ за свои судии и обвинители, ВМРО-ДПМНЕ вината ја наоѓа во СДСМ и ДУИ

ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ја покажа својата намера кога зборува за „реформи во судството“, наместо вистински промени, тие бараат свои судии и обвинители од партиските тефтерчиња, реагираа денеска од Левица откако владеачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ не гласаа за предлог-законот на Левица за измени на Кривичниот законик, со кој се предвидуваше заострување на казнената политика за функционерите. Од ВМРО-ДПМНЕ пак денеска преку партиско соопштение реагираат на одлуката на Апелацискиот суд Скопје, газдата на Пуцко петрол, Асмир Јахоски наместо од притвор да се брани од слобода во случајот за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино. Од владеачката партија обвинуваат дека судиите и обвинителите се избрани од СДСМ и ДУИ и тие ги штитат бизнис интересите на поранешниот премиер Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Предлог-законот на Левица предвидуваше удвојување на роковите за застарување на кривичните дела и незастарливост на кривични дела сторени од службени лица во извршување на функцијата.

„Со тоа, овие партии јасно порачаа дека не им е до правда, туку до прикривање на криминалот на нивните луѓе. Тие повторно ги предадоа интересите на граѓаните, избирајќи да ги штитат своите корумпирани редови. Овој предлог на Левица имаше за цел да ги анулира срамните измени на Кривичниот законик од 2023 година, кога СДСМ и ДУИ на брза лента ги изгласаа, а ВМРО-ДПМНЕ им овозможи кворум, по што – многу поранешни и актуелни функционери на ВМРО-ДПМНЕ беа амнестирани преку ‘застарување’. ВМРО-ДПМНЕ е партија која глуми борец за правда, но кога ќе дојде момент за вистински реформк, тие одбиваат да ги поддржат. Зошто? Затоа што токму тие најмногу профитираат од сегашниот систем на организирана неказнивост“, велат од Левица.

Според податоците на партијата лани до ноември, во Основниот кривичен суд Скопје застареле 71 предмет.

„Секој од таквите предмети е симбол за распаднатиот правен систем, за неказнетиот криминал и за договарања под маса. Јавна тајна е дека за ‘застарување’ постојат ценовници, влијанија, уцени и слично. Граѓаните веќе не веруваат во никакви ‘нови почетоци’ од старите партии. Сите гледаат дека кај моќниците нема ни страв од впуштање во кривично дело, ни срам кога истото ќе се открие. Тие знаат дека системот е дизајниран да ги штити. Левица ќе продолжи бескомпромисно да се бори за крај на неказнивоста. Овој предлог е само еден од низата за која Левица се залага, предлага и ќе продолжи во таа насока – против корупцијата, вистински реформи и промена на системот“, се наведува во денешното соопштение на Левица.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак денеска преку партиско соопштение реагираат на одлуката на Апелацискиот суд Скопје, газдата на Пуцко петрол, Асмир Јахоски наместо од притвор да се брани од слобода во случајот за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино. Од владеачката партија обвинуваат дека судиите и обвинителите се избрани од СДСМ и ДУИ и тие ги штитат бизнис интересите на поранешниот премиер Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Доказ за тоа е и Асмир Јахоски, кој излезе од притвор со гаранција во стан на фирма која дели иста адреса со фирмата на зетот на Али Ахмети. Газдата на Пуцко Петрол излезе од притвор, а за Апелација гаранција се 2 милиони евра. Јахоски е син на пратеник од ДУИ, со уште 13 лица е осомничен за злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари, за набавка на канцероген мазут со кој го загадувале воздухот. Криминалците од СДС и ДУИ и нивните бизнис фаворити, како Јахоски, поради лукративни причини, провизии и бизнис зделки го труеле народот со канцероген мазут поради екстра профит и направиле огромен криминал. Корумпираните судии и обвинители работат по насока на СДС и ДУИ и ги штитат  нивните блиски бизнис партнери, за да делат проценти и провизии меѓусебно. Спрегата помеѓу правосудството, СДС и ДУИ мора да заврши, корумпираните судии да одговараат, а владеењето на правото и правдата да профункционираат. Времето на криминалци во политиката заврши“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ