Капката што ја прелеала чашата, според неа, се последните одлуки на правосудните институциите, Советот на јавни обвинители кој ја отфрли нејзината претставка за напад врз интегритетот,и онаа на државниот јавен обвинител, Ненад Савески кој ѝ ги одзел овластувањата за работа на клучни предмети од висока корупција на кои таа работеше, предмети кои се наоѓаат во фаза на завршница.
„Овие постапки се во директна спротивност со визијата за која се залагам, а тоа е Обвинителство што работи надвор од политички влијанија, ги штити своите
професионалци и го брани јавниот интерес доследно и без селекција. Бидејќи не гледам простор за работа, ниту во перспектива како би можела да дејствувам во согласност со моите принципи, денес поднесов оставка од функцијата јавен обвинител“, вели Ристоска во пишаното соопштение.
Овој потег, вели Ристоска, не е само личен удар, туку директен ризик за исходот на предмети што таргетираат висока корупција и организиран криминал.
„Овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на обвинителството“, предупредува Ристоска, алудирајќи дека правдата може да биде загрозена токму таму каде што најмногу боли, кај случаите против моќните.
Ристоска уште вели дека се обидела да го промени обвинителскиот систем и одвнатре, со кандидатура за државен јавен обвинител, „со визија за институција независна од политика и посветена на јавниот интерес“. Но, наместо поддршка, како што вели добила, спротивно, одлуки што се косат со таа визија.
Во атмосфера каде, според неа, нема простор за работа без компромис со принципите, одлуката за нејзина оставка била неизбежна.
„Затоа во текот на мојата кариера особен предизвик ми претставуваше работата на случаи што најдиректно влијаат врз дерогирањето на општествените вредности и принципи. Работењето на високопрофилни случаи создава и високопрофилни непријатели – такви што ги користат своите моќ, влијание и конекции за да избегнат одговорност и да ве оттргнат од вашата намера. Тоа подразбираше опструкции на разни нивоа, институционални и лични. Во текот на годините бевте сведоци на многу од тие случувања: влијание врз сведоци, вршење притисоци, менување законски решенија, чување предмети во фиока и застарување предмети. Сето тоа не ме спречи да опстојам во моите заложби, па јавно ги критикував состојбите во правосудството, без оглед на општествено-политичкиот контекст и без калкулации за последиците врз мојата кариера“, посочува Ристоска.






