понеделник, 15 декември 2025

Лефков: Се води координирана операција за дискредитација на Македонија и премиерот Мицкоски

Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, остро реагира на, како што ги нарекува, координираните и намерни обиди за дискредитација на државата, Владата и лично на премиерот Христијан Мицкоски. Според него, станува збор за операција организирана од бугарските тајни служби и нивните медиумски сателити, со поддршка од поединци и кругови во Македонија блиски до СДС.

Објавено на

часот

Сподели

„Имаме основано сомнение, поткрепено со точни информации и факти, дека е во тек координирана операција на дискредитација против Република Македонија и нејзините институции. Ова не е класична медиумска кампања – ова е хибридна војна, насочена кон рушење на стабилноста, подривање на Владата и дискредитација на премиерот Мицкоски,“ изјави Лефков.

Оваа операција, според него, се спроведува преку ширење лажни информации, монтирани афери, фабрикувани документи и лични дискредитации. Во неа се вклучени бугарски портали како Tribune.bg, Lupa.bg, Epicenter.bg, Pogled.info, како и стотици други слабо познати страници кои секојдневно објавуваат лажни вести. Содржините од овие портали, додава Лефков, често се преземаат од медиуми блиски до опозицијата во Македонија, а некои дури завршуваат и во традиционални медиуми.

Лефков потсетува дека веќе постојат меѓународни анализи кои ја документираат активноста на овие мрежи. Според истражувањето на Digital Forensic Research Lab (DFRLab), овие портали функционираат преку субдомени и синхронизирани профили на социјалните мрежи, со цел ширење на антизападни и антимакедонски наративи.

„Ова не е идеолошка борба. Ова е напад мотивиран од политички очај и реваншизам. Откако Македонија доби стабилна Влада и јасна надворешно-политичка насока, веќе нема тајни договори, бизниси под маса и отстапки за историски понижувања. Затоа сега се активираат старите канали на деструкција,“ предупредува Лефков.

Според него, по осудата на бугарските позиции во Европскиот парламент, мрежата за дискредитација повторно е активирана.

„Очигледна е и улогата на СДС, која, наместо да се дистанцира од ваквите деструктивни операции, продолжува да учествува во нив со замислата дека ако ѝ наштети на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се врати на власт. Но вистината е една: со ваквите постапки, СДС ѝ нанесува директна штета на Македонија. Се здружија сите домашни предавници, штом Бугарија доживеа тежок пораз во АФЕТ! Прво се појави Апасиев. Не им успеа! Па следуваше ново подбуцнување: Жерновски да биде полигонот преку кој ќе ја започнат новата тура на лаги против премиерот и Македонија. Но, нема да им успее. Македонскиот народ знае кој се бори за него, а кој тргува со туѓи агенди,“ нагласува Лефков.

Тој исто така упати и остра критика до поранешните власти: „Тие што ја продадоа државата, што потпишуваа и понижуваа, сега зборуваат за пасоши и патриотизам. А токму Мицкоски и оваа Влада се тие што денес се обидуваат да го заштитат она што вие го уништивте.“

На крај, Лефков апелира до јавноста, институциите и медиумите да ја сфатат сериозноста на ситуацијата.

„Ова не е борба против една политичка партија. Ова е напад врз македонскиот идентитет, врз суверенитетот и правото самостојно да ја водиме нашата надворешна политика,“ порача тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ