Тој потенцира дека ова е јасен доказ дека кога постои политичка волја и почитување на правото и законите, државата може да се движи напред.
Лефков нагласи дека со овој закон се исправува една сериозна неправда направена со измените на Кривичниот законик од септември 2023 година донесена од претходната власт.
„Денес, Собранието на Република Македонија со 76 гласа „за“ го усвои Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик предложен од група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Со овој закон се исправува една сериозна неправда направена со измените на Кривичниот законик од септември 2023 година донесена од претходната власт со која беа ублажени казните за корупција, беа избришани клучни одредби за злоупотреби во јавните набавки и беа создадени услови за застарување на предмети од висок профил на корупција“, рече Лефков.
Тој истакна дека новите законски решенија ја вратија суштината на казнената политика, превенцијата и репресија против корупцијата и организираниот криминал.
„Ја зајакнуваат надлежноста на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и постапуваат согласно забелешките содржани во Извештајот на Европската Комисија за 2023 година, како и согласно решението на уставниот суд од 12 февруари 2025 година. Со законот се воведува и ново кривично дело за злоупотреба на интимни снимки и материјали, се зајакнува заштитата од родово-базирано и семејно насилство согласно Истанбулската конвенција, се проширува примената на проширената конфискација и се прави доусогласување со законит поврзани со проектот ‘Сејф сити’“, рече пратеникот Лефков.






