„Во „Службен весник на Република Македонија“, на ден 26.01.2018 година, број 16, страна 189, точка 1.6, стои, цитирам – „Изработка на државно урбанистичко-планска документација за прифатен центар на странци за потребите на Секторот за гранични работи и миграции при МВР на КП бр. 35, запишана во Имотен лист бр. 2140 за КО Бардовци.“ Ова е поминато на Влада и за тоа Венко Филипче гласал со две раце. Овие мигранти кои тогаш Филипче сакал да ги прими, се истите тие мигранти кои сега прават проблеми во Европа. Да не беше притисокот од ВМРО-ДПМНЕ тогаш, денес ќе имаше мигранти во Македонија“, рече на денешната прес-конференција Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој потенцира дека „Венко Филипче и СДС имале партиска и државна политика за населување мигранти“ и оти овој документ којшто го покажа на прес-конференцијата е доказ за тоа.
Сè додека Филипче е во опозиција, како што истакна Лефков, во Македонија мигранти нема да има.

„Сакаме најостро да негираме дека во договорот со Обединетото Кралство постојат какви било одредби кои се однесуваат на мигранти. Она за кое се зборува како дел од ФРОНТЕКС и ние како Влада и власт е зајакнување на мигрантската политика, зајакнување на државните граници, зголемување на контролата на државните граници и тоа на повеќе начини, преку зголемување на законодавната надлежност, на надзорот над границите. Самиот премиер најави по примерот на ‘сејф сити’ и ‘сејф кантри’, еден проект кој ќе овозможи и видеонадзор и зајакнување на сите гранични премини што ќе значи не само контрола на илегалните мигранти, туку контрола при шверц или обиди за тргување со одредени недозволени супстанци“, рече Лефков во одговор на новинарско прашање.
Според него, појаките и поздрави посигурни граници значат поголема сигурност на граѓаните. Затоа, вели, злоупотребата на вакви теми е навистина штетна за општеството и државата од партијата ја оценуваат како крајно манипулаторска. Уште еднаш повтори дека илегалните мигранти и темата со мигранти е целосна измислица.
„Филипче не е лидер, туку потрчко на Заев, еден ‘дугме-политичар’, кој има единствена улога да го покрива и штити неговиот криминал. Тој е социопатски случај на лажго и манипулатор, додека штетата од неговото работење ја плаќаат сите граѓани. Димната завеса за тоа се измислените теми, измислените напади и наводните скандали. Една таква тема е и темата со наводното населување на мигранти. На оваа тема се гледа лицемерието, грдото лице на Филипче и неговото манипулаторство и расипаност во политиката наложено од неговиот ментор Зоран Заев. Јасно е дека мигранти нема да има, но Филипче најави протести, измисли декларација и вештачка тема. Затоа, додека го прави тоа, целата јавност мора да знае дека Венко Филипче, како министер во Владата на Заев, работел на отворање на мигрантски камп во Бардовци“, потенцира на прес-конференцијата Лефков.
Според него, ваквото манипулаторство значи дека крадецот вели „држете го крадецот“, кога човек со сомнителни морални особености се претставува како праведен, а нечесен криминалец се претставува како чесен адвокат на правдата.
„И декларацијата, и темата за мигрантски кампови се обиди само за спас на криминалите на Заев и Филипче. Тој е единствениот политичар во Македонија кој СДС го спушти на 130 илјади гласови, ја направи петта по големина партија во град Скопје, организира протест на измислена тема и нуди декларација за тема што не постои. Му препорачуваме да повика на марш за заштита на зимзелените дрва на Марс. Бидејќи колку што има зимзелени дрва на Марс, толку ќе има и мигранти и тука. Па оттука, нека протестира и за тоа, кога веќе нема друга работа и на ваков расипан, гнасен начин го потценува сопствениот народ“, рече Лефков.

Тој додаде дека низ нашата историја како држава сме виделе многу работи, но, нагласи „ваков карактер со вакви психолошки тенденции не сме сретнале“.
„Но, во клиниката на СДС за креирање ‘заевци’, кои без образ и со низок морал се подготвени сè да направат извршувајќи туѓи агенди и остварувајќи лични интереси, очигледно производството заглавило на истиот модел – ‘заев 1.0’. Народот јасно гледа, а членовите на СДС се срамат од овој двоец кој, освен што го има киднапирано СДС, ја контаминира и Македонија. Предавничко-криминалниот двоец ќе биде декласиран. А стравот од борбата против корупцијата која доаѓа не можат да го сокријат со измислени теми. Смрди од тука до Софија“, истакна Лефков.






