Според партијата, иако на прв поглед се предлага заострување на казнената политика и санирање на направените штети, во суштина станува збор за уште едно парцијално „крпење“ на правниот систем, наместо за темелна реформа што граѓаните ја очекуваат повеќе од една и пол година.
Од ЛДП посочуваат дека предложените измени не го решаваат клучниот проблем со застарувањето на кривичните дела. И покрај најавеното зголемување на казните за делата злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба, партијата предупредува дека можноста за застарување и натаму останува, за што, како што наведуваат, јавноста била сведок и во минатото.
Партијата инсистира на дополнително зголемување на роковите за застарување на кривичните дела од 30-тата глава, сторени на штета на државниот буџет. Според ЛДП, борбата против корупцијата не смее да зависи од административни рокови што им овозможуваат на сторителите да ја избегнат правдата.
ЛДП оценува дека повторното воведување на кривичното дело поврзано со злоупотреби при јавните набавки е задоцнет чекор и обид за санирање на штетата, наместо системско решение. Делот што предвидува санкции за злоупотреба на порнографски и сексуални содржини го сметаат за позитивен, но бараат итно проширување на одредбите, со експлицитно опфаќање на злоупотребите на дигитални содржини креирани со помош на вештачка интелигенција, односно таканаречените deepfake содржини.
„Доста беше од делумни и парцијални решенија. Доколку ресорното министерство не е способно да изготви и донесе целосно нов, современ и европски Кривичен законик до крајот на оваа година, треба јавно да ја признае својата неспособност“, наведуваат од ЛДП, додавајќи дека државата нема време за нови правни експерименти кои оставаат простор за селективна правда.
Од партијата порачуваат дека остануваат посветени на носење законско решение кое ќе биде бескомпромисно кон криминалот и корупцијата, потенцирајќи дека на Македонија ѝ е потребен закон кој ќе штити, а не закон што ќе амнестира преку застарување.






