„Немаме повеќе време за префрлање одговорност, ниту за административни изговори. Секое непостапување има последици и секое доцнење може да значи живот. Последниот случај со смртта на мајката и ќерката во Тафталиџе, како и сите претходни, ја потресоа јавноста. Уште колку жртви треба да изброиме за институциите да се одважат да постапуваат по пријава?“, прашува во изјава за медиумите Тамара Гарческа од ЛДП.
Од партијата прашуваат и уште колку смртни случаи треба да се случат за пратениците во Собранието да сфатат дека предлог-законот на ЛДП за воведување електронска нараквица за следење на насилниците не е повеќе опција, туку обврска.
„Како држава која ја ратификувала Истанбулска конвенција, Македонија има јасна задача: превенција, заштита, санкција. Не само декларативно, туку и реално. Нулта толеранција значи нула оправдувања. Јавноста е гневна – и со право. Бараме темелна истрага. Бараме целосно расчистување. Бараме одговорност со име и со презиме. Животот на жените не е статистика. Безбедноста не е привилегија“, завршува Гарческа, повторувајќи го прашањето уште колку жени треба да умрат за институциите конечно да се разбудат и да постапуваат.






