петок, 2 јануари 2026

Лани – спроведени 1.700 надзори на амбиентален воздух, Цементарница треба да ја обнови А-интегрираната еколошка дозвола

До 20 декември 2025 година реализирани се 1.700 инспекциски надзори за амбиентален воздух, од кои 839 редовни, 532 вонредни и 329 контролни инспекциски надзори. Утврдени се 398 неправилности и издадени се исто толку решенија во инспекциската постапка. Покренати се над 30 прекршочни и четири кривични постапки, соопшти на денешната прес-конференција во Владата директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ивана Гиновска.

Објавено на

часот

Сподели

На заедничката прес-конференцијата со портпаролката на Владата, Марија Митева и со директорот на Управата за животната средина, Игор Никоски, Гиновска информира дека Државниот инспекторат за животна средина работи согласно годишен план за работа одобрен од министерот за животна средина и просторно планирање.

Гиновска соопшти дека од 1 ноември до денеска се спроведени над 55 инспекциски надзори на трериторија на цела држава во инсталации каде има влијание врз животната средина преку емисии во воздухот. Издадени се 20 решенија и три забрани за работа.

Во однос на правниот субјект Титан Цементарница Усје, таа информира дека во 2025 година биле извршени шест надзори, од кои два редовни и четири вонредни инспекциски надзори од различни државни инспектори.  Последните вонредни биле извршени на 18 ноември 2025 во 22 часот со инспектор за животна средина од Град Скопје и на 18 декември 2025 со инспектор за животна средина од општина Кисела Вода. Притоа, како што рече, кај сите надзори не се утврдени неправилности во работата на овој правен субјект.

Гиновска потенцира дека надзорите продолжуваат континуирано и на секои 15 дена Државниот инспекторат доставува извештај до работната група која е формирана од Министерството за животна средина и просторно планирање и го следи спроведувањето на Акцискиот план.

Во моментов има околу 120 правни субјекти со активна А-интегрирани дозвола, согласно регистарот што го води Управата за животна средина, а на територија на Град Скопје се околу 40.

Директорот на Управата за животната средина, Игор Никоски информира дека Цементарница Усје АД Скопје претставува инсталација за прозводство на цементен клинкер во ротациони печки, со производен капацитет над 500 тони на ден.

Тој посочи дека по спроведени постапки, на 22.05.2013 година е издадена А-интегрирана дозвола, за усогласување со Оперативен план, во која е одобрено користење на алтерантивни горива.

На 12.03.2020 година е издадена А-интегрирана еколошка дозвола, која има важност седум години.

„Најдоцна на 12.03.2026 година Цементарница Усје треба да достави барање за обновување на оваа дозвола. Постапката ќе опфати одредби од Законот за живота средина, кои се однесуваат на издавање на А-интегрирана еколошка дозвола, учество на јавноста, имплементирање на најдобро достапните техники“, рече Никоски.

Директорот Никоски подвлече дека од крајот на 2018 година, Цементарница Усје почнува да користи алтернативни горива како замена на фосилните горива, со стапка на замена од 15 отсто.

Портпаролката Митева истакна дека целта е како Влада транспарентно да ја информираат јавноста за тоа како институциите постапуваат, кои се утврдените состојби на терен и какви мерки се земаат за унапредување на квалитетот на воздухот и заштитата на здравјето на граѓаните.

„Ваквиот пристап којшто е заснован на податоци, отчетност и координација помеѓу надлежните институции е од суштинско значење за градење на доверба и за креирање на ефикасни политики во областа на животната средина“, рече Митева.

На новинарско прашање за дислокација на „Усје“, Митева рече дека едно е она што ќе се усвои во Советот на Град Скопје, а друго е како Владата пристапува кон решавање на проблемите и кои се институциите кои треба да ги преземат соодветните мерки за да дојдеме до решение.

„Да, ние рековме дека доколку таа препорака стигне до Владата, доколку тоа е заклучокот на советниците на Град Скопје, како Влада ќе седнееме и ќе ги видиме сите можности кои стојат на располагање. Одлучуваме да зборуваме за оваа тема отворено, преку извештаи и преку работа на надлежни институции. Владата постојано ќе ја следи работата“, рече Митева, додавајќи дека ќе бидат детално посветени на ова прашање.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ