Како што се наведува во соопштението, бројот на поднесени кривични пријави е зголемен за повеќе од двојно во споредба со 2024 година кога бeа поднесени 91 кривична пријава, при што најголем дел од поднесените кривични пријави, дури 80 проценти, беше евидентиран од октомври.
Од Царинската управа појаснуваат дека за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги се спроведени истраги и поднесени се седум кривични пријави, за шверцување 40 кривични пријави, за царинска измама 39 кривични пријави, за фалсификување исправа 85 кривични пријави, а за недозволено тргување со оружје поднесени се седум кривични пријави.
„Поднесени се и кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластувањето, вршење меѓународен јавен превоз без поседување лиценца, како и за избегнување плаќање акциза. Дури 103 од поднесените кривични пријави се поднесени за сторени кривични дела со 232 возила“, информираат од Царинската управа.
Од таму истакнуваат дека во текот на предистражните дејства од страна на службата против економски криминал при проверка на докази за потекло до странски служби испратени се 450 барања, при што во 223 случаи е утврдено дека доказите за потекло се невалидни.
„Со странски служби извршени се и 71 проверка на увозни фактури. Дополнително, од страна на службата за финансиски истраги отворени се 15 финансиски истраги против 19 физички и девет правни лица, при што целта е детекција и конфискација на нелегално стекнат имот, а со тоа и дестабилизација на криминалните групи “, се наведува во соопштението.
Царинската управа најавува дека ќе продолжи со спроведување засилени контроли и истраги со цел ефикасна борба против криминалот и заштита на финансиските интереси на државата.






