Од „Стар Лагадин“ предупредуваат дека ако ваквите примери останат неказнети, Охрид ризикува не само бетонска инвазија, туку и дека Охрид ќе го изгуби меѓународниот заштитен статус.
Контроверзна градба, поминати рокови, инспекциски молк
И покрај јасните законски обврски и рокови за постапување, Одделението за инспекциски надзор при Општина Охрид до денеска не спровело надзор врз спорниот хотелски комплекс во Лагадин или пак за тоа не знаат од здружението на граѓани „Стар Лагадин“, иако според закон надлежните служби се обврзани да го известат подносителот на барањето, во конкретниот случај здружението „Стар Лагадин“.
Од Здружението бараат градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков да го огласи за ништовно одобрението за градење издадено во 2016 година. Во барањето се наведува дека изградбата на објектот на катастарската парцела (КП) 2696/1, КО Елшани е во спротивност со Одлуката за утврдување на услови за начинот на градење во село Лагадин за кое нема урбанистички план како и спротивно од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.
„Дополнително, просторната организација и успови за градење од Општиот акт за село Лагадин го обврзува Секторот за урбанизам на почитување на Законот за јавните патишта. Бараме, овластениот градежен инспектор, да изврши вонреден инспекциски надзор на објектот во изградба. До градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, апелираме да постапи согласно Законот за градење и Законот за општа управна постапка и да го огласите за ништовно одобрението за градење“, се наведува во барањето на „Стар Лагадин“.

Изградбата на хотелот започна пред десетина години и веднаш беше обележана како спорна. Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ и голем број жители на Лагадин поднесоа пријави и петиции против изградбата, наведувајќи дека хотелот се гради во заштитна зона — на помалку од 50 метри од највисокиот водостој на езерото, што е во спротивност со законската заштита на ова природно и културно наследство.
Реалноста спротивна на законите
Од „Стар Лагадин“ велат дека неправилностите предочени во барањето за вонреден инспекциски надзор се однесуваат на градба преблиску до регионален пат, надмината дозволена изграденост, несогласности меѓу проектната документација и катастарските податоци како и изградба во заштитена зона покрај Охридското Езеро.
Од Здружението укажуваат дека од изводот од катастарскиот план за парцела 2696/1, КО Елшани може да се увиди дека растојанието на објектот на југозападната страна е помалку од три метри од регионалниот пат, поточно само 1,9 метри, што е во спротивност со Правилникот за стандарди и нормативи за урбаниситичко планирање и Општиот акт за Лагадин.
Што се однесува до местололожбата на хотелот и близината до регионалниот пат, од „Стар Лагадин“ велат дека е во спротивност со Законот за јавните патишта, кој предвидува минимално растојание од пет метри како заштитен појас кога регионален пат минува низ населено место. Од здружението тврдат дека околу 19 отсто од површината на хотелот се наоѓа во заштитниот појас.
„Ширината на заштитниот појас на автопат и експресен пат во кој не можат да се градат објекти или изведуваат градежни работи кои не се во функција на патот изнесува 40 метри, на магистралните и регионалните патишта изнесува 20 метри, а на општинските патишта 10 метри. Во подрачја со изграден градежен фонд со легално изградени градби на магистрални и регионални патишта поради кои не може да се реализира заштитниот појас истиот се димензионира согласно расположливите услови, но не помалку од пет метри“, предвидува Законот за јавните патишта.

Од здружението „Стар Лагадин“ не пропуштаат и да забележат дека при изградба на овој хотелски комплекс е прекршен и процентот на изграденост.
„Вкупната површина на парцелата изнесува 763.335 метри квадратни (м2), а површината под објектот изнесува 400.365 м2, што претставува процент на изграденост од 52,5 отсто, а Општиот акт предвидува 50 отсто. Овие прекршувања на законските прописи ја доведуваат во прашање законитоста на издаденото одобрение за градење од страна на општитната, а од поднесениот основен проект, може да се види дека вина има и од страна на инвеститорот“, предупредуваат од „Стар Лагадин“.
УНЕСКО не попушта, Македонија под притисок
За жал или за среќа, случајот не остана само локален проблем. Спорниот статус на хотелскиот комплекс во Лагадин е нотиран во повеќе извештаи на УНЕСКО, заклучно со последниот од реактивната мониторинг мисија во март 2024 година.
Во истиот се бараат и дополнителни детални информации за изградата на хотелот, како што е наведено во точката 14 од документи од Анекс VII побарани од државите-страни од страна на тимот на мисијата по мисијата од извештајот на УНЕСКО.
„Мисијата се сретна со министерот за култура, кој информирал дека прашањето за хотелот во Лагадин било комплексно и долготрјано, но дека на крајот Управниот суд ја потврдил важноста на одобрението за градба издадено од Општина Охрид во 2016 година. За да се поништи одобрението за градба, Министерството за култура требало да му исплати обештетување на носителот на дозволата. Министерството за култура одлучило да не продолжи со таква постапка. Поради тоа, се очекува изградбата на хотелот во Лагадин да продолжи и да биде завршена“, се наведува во Извештајот на УНЕСКО од 2024 година.
Случајот со спорниот објект во Лагадин не е само хотел. Објектот прерасна во симбол на судирот меѓу профитот и заштитата на Охридското Езеро – светското наследство на УНЕСКО. Од „Стар Лагадин“ предупредуваат дека ако ваквите примери останат неказнети, Охрид ризикува не само бетонска инвазија, туку ќе го изгуби и меѓународниот заштитен статус.

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Париз го усвои амандманот поднесен од македонските претставници, со кој се бараше да се одложи впишувањето на Охридскиот регион на Листата на светски наследства во опасност. Со тоа властите добија нови услови, до 1 февруари 2026 година да достават извештај за преземените мерки за заштита.
Поради ова, Владата формира Централен координативен штаб за Охридскиот регион, планот ќе трае седум години и содржи конкретни мерки, рокови и надлежности. Штабот има десет члена, а координатор е министерот за култура, Зоран Љутков. Минатата недела тој информираше дека се подготвува извештајот кој ќе биде доставен до УНЕСКО и изјави дека очекува позитивна оценка од страна на оваа меѓународна организација.
Ревизорите и Обвинителството во обид да се спаси тоа што може да се спаси
Општина Охрид нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, нема преземено мерки за отстранување на бесправно изградените објекти, особено во заштитените подрачја, поставувањето урбана опрема е без дозволи и платени комунални такси, а субвенционирањето на јавните претпријатија во вкупен износ од 36.505 илјади денари е без програма и претходно обезбедена согласност од Советот, покажа ревизијата спроведена од Државниот завод за ревизија (ДЗР) што беше објавен завчера.
„За бесправните објекти кои не ги исполнуваат условите за издавање на урбанистичка согласност, донесени се 4.847 решенија за одбивање, но не се преземени мерки да бидат отстранети, иако овластените градежни инспектори за период од 2019 – 2024 година издале 456 правосилни управни акти за нелегални градби. Со ова, не е испочитувана обврската предвидена со Планот за заштита на културно наследство за детален инвентар на сите бесправно изградени објекти, проценка на нивното влијание врз исклучителната универзална вредност на општината и отстранување на сите бесправни изградени објекти, особено во Националниот парк Галичица, за кои, врз основа на претходно спроведените оценки ќе се утврди дека претставуваат закана за доброто, вклучително и за интегритетот и автентичноста на градот“, пишува во извештајот на ДЗР.
Ревизијата уште утврдила и дека не е донесен урбанистички план за крајбрежјето (појасот со ширина од 50 метри, сметано од границата на КП 1/1 „Охридско Езеро“), а за Годишната програма за поставување урбана опрема за 2024 година, не е обезбедено позитивно мислење/согласност од Управата за заштита на културното наследство.
По ова, Јавното обвинителство вчера соопшти дека ДЗР на 19 декември 2025 година го доставил ревизорскиот извештај за Општина Охрид од каде извештајот е доставен до надлжното Основното јавно обвинителство (ОЈО) Охрид кое оформило предмет и се преземаат дејствија на проверки на наводите од Ревизорскиот извештај на ДЗР.
Искра Опетческа






