Како што соопшти Генералштабот, во текот на вчерашниот ден, генералот Лафчиски остварил средба со началникот на штаб на Армијата на САД, генерал Ренди Џорџ, на која беше потврдена високата доверба и соработка помеѓу двете армии.
„На средбата беа споделени искуствата на Армијата на САД во водење на современи конфликти, вклучително и за развој на нови способности, пред сè во справување со закани од беспилотни летала и беспосадни системи. Дополнително се разговараше и за стратешкото значење на армискиот полигон „Криволак“ и можностите за развој на истиот, со цел зголемување на капацитетите за изведување обука и вежби“, наведено е во соопштението.
Во рамки на посетата, генералот Лафчиски се сретнал и со началникот на Г-8 на Армијата на САД, генерал-потполковник Питер Бенхоф и претставници од директоратот за одбранбена соработка на САД. За време на одвоените средби се разговарало за процесите поврзани со опремувањето и модернизацијата на Армијата.

„На вчерашните средби на генералот Лафчиски во Вашингтон, претходеа низа значајни активности, меѓу кои средба со заменик-началникот на Здружениот штаб на Оружените сили на САД, генерал Кристофер Махони, присуство на свечената церемонија по повод примопредавање на должноста командант на Националната гарда (НГ) на Вермонт и средба со новиот командант на НГ на Вермонт, генерал-мајор Хенри Хардер“, се во соопштението на Генералштабот.
Оттаму додаваат дека работната посета на македонската делегација претставува потврда за континуираната соработка помеѓу македонската Армија и Оружените сили на Соединетите Американски Држави.






