Зборувајќи за општината во изминатиот период, Лабудовиќ упати серија критики кон актуелниот градоначалник на општина Центар, Горан Герасимовски, „личност кој ветуваше многу, а не направи ништо“.
„Ветуваше ред, а донесе хаос. Ветуваше нови вредности, а работеше по старите шеми. Во четири години издаде речиси триста дозволи за градба, а не направи ниту еден нов парк. Триста згради никнаа, ниту едно дрво не засади. Триста нови проблеми создаде, ниту еден не реши. Дебар Маало, Буњаковец, Капиштец – некогаш маала со душа и песна, денес загушени во прашина, бетон и апатија. Го изгубивме воздухот, го изгубивме зеленилото, го изгубивме човекот. Центар го претворија во паркинг за интереси и во полигон за блиски фирми“, потенцираше кандидатот за градоначанилник на Движењето ЗНАМ за Центар, Мирослав Лабудовиќ.

Лабудовиќ ја најави својата визија за тоа што ќе работи во идните четири годни, откако ќе застане на чело на општината.
„Мојата визија е едноставна – Центар што дише. Центар каде мајките шетаат спокојно со своите деца, каде старите луѓе седат на клупа и зборуваат дека конечно некој направил нешто за нив, не за себе. Центар каде што културата ќе се врати на улиците, каде што училиштата ќе светат, каде младите ќе имаат причина да останат, не да си заминуваат. Центар со катни гаражи, со смарт паркинг систем, со чисти тротоари и осветлени улици. Центар што ќе го почитува секој граѓанин, не само партискиот пријател. Знам дека го можеме тоа. Знам дека со љубов, работа и искреност, Центар повторно ќе стане срце на Скопје – гордо, живо и достоинствено срце. Но за тоа ми треба вашата сила. Вашиот глас, вашата верба, вашата енергија. Да покажеме дека Центар не е на оние што го узурпираа, туку на оние што го сакаат. Да покажеме дека Центар има свои луѓе, дека Центар знае да каже – доста беше!“ порача Лабудовиќ од вечерашниот митинг пред жителите на Општина Центар.






