„Центар мора да биде пример за општина која не остава никого зад себе. Ќе обезбедиме еднакви можности за сите – без исклучок. Ќе отвориме дневни центри за децата со попреченост, со современи услови и стручна поддршка, а ќе воспоставиме и програми за нивна целосна инклузија во образованието,“ изјави Лабудовиќ.
„Во фокусот на новите политики ќе бидат социјалната грижа и локалната економија – два стожери на човечка и функционална општина. Општината ќе спроведе проект за формирање дневни центри и ‘Сениор центар’ за пензионери и ранливи категории, како и програми за поддршка на самохрани родители, лица со попреченост и бездомници. Дополнително, ќе се воведе и проект ‘Топол оброк’ за бесплатни или субвенционирани оброци за најзагрозените. Грижата за најранливите не е само прашање на хуманост – тоа е прашање на визија и вредности. Општина што се грижи за најслабите е општина што расте со најсилните“, потенцираше Лабудовиќ.
Паралелно, тој најави силен фокус на локалниот економски развој и поддршката на малите и семејни бизниси, кои се двигател на Центар.
„Со формирање на општински фонд за мали и средни бизниси, Општината ќе обезбеди финансиска и советодавна помош за нови претприемачи, стартапи и занаетчии. Ќе се организираат саеми на локални производи, како и програми за модернизација на трговските улици и пазарите, за подобрување на условите за работа на малите стопанственици. Центар има талент, има креативност и има можности. Нашата цел е младите да ја гледаат својата иднина токму овде – да основаат сопствени бизниси, да создаваат вредност и да останат во својата земја“, изјави Лабудовиќ.






