недела, 14 декември 2025

Кузеска: Скандалот во МВР со милионскиот тендер за возачки испити мора да се расчисти

Скандалот во Министерството за внатрешни работи со милионскиот тендер за организирање возачки испити е јасна индиција за корупција и мора целосно да се расчисти, порача портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Објавено на

часот

Сподели

„Новооснована фирма, зад која стои советник на ВМРО-ДПМНЕ, доби милионски бизнис од МВР. Практично сите полагања на возачки испити во Битола, Прилеп и Ресен беа доверени токму на оваа фирма блиска до власта, со монопол од пет години. Сето тоа на крајно сомнителен начин и со прашање дали воопшто ги исполнувала условите“, изјави Кузеска.

Таа потсети дека додека институциите молчат, скандалот не само што се потврдил, туку и се проширил.

„Истото МВР на Тошковски, кое процени дека ‘Супер возач’ ги исполнува условите за работа, деновиве го затвори центарот. Замислете, поради тоа што немал соодветна документација, стручен кадар, немал возила и не водел уредна евиденција. Сега прашањето е дали МВР на Панче Тошковски доделило лиценца на фирма која од старт не ги исполнувала условите?“, рече Кузеска.

Таа додаде дека јавноста мора да добие одговори:
„Дали милионскиот тендер е доделен само затоа што зад оваа фирма стои советник на ВМРО-ДПМНЕ? Ова ли е шемата за испумпување на парите на граѓаните преку фирми блиски на власта?“

Според СДСМ, станува збор за сериозни индиции за однапред наместен тендер и можни коруптивни дејствија.

„По скандалот со набавката на униформи, втор пат за краток период се случува крупен, сомнителен тендер во МВР. Ќе понесе ли Панче Тошковски одговорност? Наместо да се бори со криминал, министерството стана извор на корупција и сомнителни тендери“, нагласи Кузеска.

Таа побара од Државната комисија за спречување корупција веднаш да отвори предмет, а од Основното јавно обвинителство да покрене истрага и да утврди одговорност.

„Македонија не смее да биде плен за организиран партиски грабеж кој на големо се случува“, заклучи портпаролката на СДСМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ