недела, 22 февруари 2026

Кузеска: СДСМ е за целосна интеграција во ЕУ

СДСМ останува на ставот дека државата треба да се движи кон целосна интеграција во Европската Унија, додека алтернативи како БРИКС или изолација не се опција, изјави денеска на прес-конференција портпаролката на партијата, Богданка Кузеска.

Објавено на

часот

Сподели

Одговарајќи на новинарско прашање, Кузеска истакна дека до денес нема официјална одлука на Европска комисија, Европски совет или Европски парламент со која би се предвидело прием на земја како полноправна членка без право на глас. Доколку таква позиција стане официјална на ниво на ЕУ, додаде таа, тогаш може да се разгледува.

„СДСМ е за целосна интеграција во Европската Унија, вклучително и полноправно членство со сите права, меѓу кои и правото на глас“, нагласи Кузеска.

Во изјавата се упатуваат критики и кон ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски, со тврдење дека водат антиевропска кампања и ја претставуваат ЕУ како притисок врз државата, наместо, како што велат од СДСМ, да се фокусираат на исполнување на реформските обврски. Според партијата, блокирањето на уставните измени и создавањето тензии со соседите ја држат државата во стагнација.

Во продолжение на прес-конференцијата, Кузеска се осврна и на именувањето на Душан Адамовиќ за почесен конзул во Србија. Таа посочи дека српското Министерство за надворешни работи пред околу еден месец ја врачило егзекватурата за неговото назначување, при што седиштето на Конзулатот е во Панчево.

Според СДСМ, во јавноста постојат објави и информации што го поврзуваат Адамовиќ со политички и други контроверзии во Србија. Од партијата прашуваат како е избран за почесен конзул и дали биле направени соодветни проверки од надлежните институции.

СДСМ го повика премиерот Мицкоски јавно да одговори на прашањата поврзани со изборот на Адамовиќ и евентуалните релации со него, оценувајќи дека случајот отвора сериозни дилеми во јавноста.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ