„Синдикалната минимална кошница е поскапа за речиси 5.000 денари, само за една година. Во исто време, минималната плата порасна за само 1.800 денари. Зеленчукот поскапел за 63,3 отсто, а овошјето за 33 отсто само за една година. Инфлацијата е 4,8 отсто и ги јаде примањата на граѓаните. Реалната плата во јуни порасна за само 3,8 отсто, додека со мерките на СДСМ растот беше над 11 отсто. За прв пат по долго време имаше и пад на просечната плата споредено со претходниот месец. Со други зборови: цените растат, платите мируваат, а куповната моќ на граѓаните паѓа. За само една година власт на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е доведена во најголема економска несигурност досега“, рече Кузеска.
Таа кажа дека изјавата на министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска дека Владата немала магично стапче за инфлацијата е само изговор.
„Владата не е таму да се правда додека се луксузира на грбот на народот, туку да преземе мерки. Сите земји во регионот, Србија, Бугарија, Хрватска, имаа навремени мерки и интервенции за цените и инфлацијата. Само во Македонија граѓаните се оставени сами на себе. ‘Немаме магично стапче’ е врв на неспособност и значи дека оваа власт нема ниту план, ни волја да им помогне на граѓаните. Владата и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ треба да ги прифатат предлозите на СДСМ за покачување на минималната плата на 500 евра, на укинување на ДДВ за храна и покачување на платите во сите сектори. Платите во Македонија се само 35 отсто од европските просеци а цените, пак, достигнуваат 60 отсто од европскиот просек. Тоа значи дека граѓаните плаќаат речиси европски цени, а живеат со трипати пониски плати. Проблемот не е кај работниците ниту во магичните стапчиња, туку во оваа влада што свесно држи ниски плати за да им одговара на бизнис-елитите блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Почетокот на есента е еден од економски најтешките периоди за македонските семејства и СДСМ ќе ја продолжи борбата за повисоки плати. Законските решенија повторно ќе ги поднесеме. Тоа е борба за достоинствен живот“, рече Кузеска.






