недела, 15 јуни 2025

Кумановската болница очекува 28 специјализанти

Во тек е административната постапка на пријавените кандидати на јавниот оглас за вработување приватни специјализанти во Општата болница Куманово, информираа денеска надлежните од јавната здравствена установа.

Објавено на

часот

Сподели

Планирано е специјализанти од областите на педијатрија, гинекологија, кардиологија, офталмологија, урологија, психијатрија, ортопедија, хирургија, интерна медицина, дерматовенерологија, пулмологија, оториноларингологија …

„Триесет години во здравството недоволно било вложувано, ниту во опрема, ниту во кадар. Дојде време да се реализира вработувањето на приватните специјализанти. Општа болница Куманово доби можност за вработување на 28 специјализанти, што е најголема бројка во Македонија. Огласот беше распишан на 1 април за вработување на специјализанти, заврши на денот на здравството – 7 април. Следеше период на регрутирање, минатата недела се тестираа пријавените на факултетот во Штип, вчера беа интервјуата со специјализантите, денеска треба да се известат примените“, изјави директорот на болницата Сашо Стошевски.

Жалбената постапка трае 15 дена. Од 1 до 10 јуни годинава се очекува да се вработат специјализантите. Специјализанти има од речиси сите области, но проблем за Кумановската болница е недостаток на специјалисти од анестезиологија и реанимација.

„Овој проблем е акутен за Кумановската болница и се обидуваме да го надминеме со ангажирање анестезиолози и од други клиники“, изјави Стошевски.

Општата болница покрива територија на шест општини од североистокот и обезбедува секундарна здравствена заштита за Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Кратово и Ранковце со приближно 200.000 граѓани. Во близина се три гранични премини, меѓу нив Табановце како најфреквентен и затоа надлежните ќе преземат мерки за подобрување на функционирањето за итните случаи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ