Христијан Тодоровски-Карпош бил истакнат македонски народен херој и учесник во народноослободителната војна. Со својата револуционерна дејност и борбеност во текот народноослободителната борба тој оставил длабока трага во историјата на македонскиот народ, кажаа присутните на денешното одбележување.
„Со окупацијата во 1941 година Христијан активно се вклучува во подготовките за вооружено востание. По формирањето на воен штаб и извршените подготовки на 12 октомври 1941 година, излегуваат првите партизански одреди: Козјачки и Карадачки партизански одред. Христијан е партизан на Козјачкиот партизански одред, кој излегол од местото Студена вода. Во август 1943 година со формирањето на Кумановскиот партизански одред, Карпош е поставен за командант на одредот, а на 1 декември 1943 година е поставен за командант на баталјонот „Јордан Николов Орце“. Како командант, водел значајни борби против окупаторските сили, покажувајќи исклучителна храброст, организаторски способности и пожртвуваност. Христијан Тодоровски – Карпош загинал на 7 февруари 1944 година во село Билјача, во борба со бугарската војска и полиција“, изјави директорката на НУ Музеј Куманово и историчарката, Марија Живачки.
Неговата родна куќа денес е куќа-музеј и е значаен меморијален и културно – историски објект, во кој се чуваат изложени предмети, документи и фотографии што сведочат за неговиот живот и дело и остануваат трајна вредност и историска меморија и почит. Куќата-музеј на Христијан Тодоровски – Карпош била отворена на 4 јули 1979 година. Претходно, со средства обезбедени од Министерството за култура, спомен-куќата беше реновирана, а музејската поставка беше обновена со значајни историски експонати. Музејот е отворен за посетители секој работен ден.
Христијан Тодорвски Карпош за народен херој бил прогласен на 29 јули 1945-та година и тој еден од осумте народни херои на Куманово.






