Во знак на сеќавање кон прерано згаснатите животи во трагичниот настан во Кочани, на кумановскиот градски плоштад се одржа достоинствен помен „Срце за 63 светлини“. Настанот го организираше Фондацијата за култура и спорт – Куманово и Општината.

Членови на балетски студија од градот – ученици формираа „Срце за 63 светлини“ посветено на изгубените животи, меѓу кои и нашиот сограѓанин Филип Стевановски. Учениците создадоа големо срце од рози, креираа ѕвезденото небо, како знак дека нивната светлина и спомен ќе продолжат да живеат во сите срца. Настанот беше тивок, проследен со 63 секунди молк, осветен со мобилните телефони, почит преку пуштање на балони, настан со кој кумановци се поклонија и покажаа дека не забораваат, испратија порака дека поддршката и човечноста се најсилни кога сите се заедно.

Ѕвезденото небо ќе биде посветено на 63-те ангели, со праќање порака и поддршка до семејствата на жртвите, искажувајќи сочувство во нивната болка, меѓу нив и на кумановецот Филип Стевановски.
Пред трагичната смрт Стевановски беше директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.
Роден во Куманово, Стевановски беше уметнички директор на „Џез-фестивалот“, продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистер по џез-науки, а беше вработен како професор во Државниот музички училиштен центар (ДМУЦ) „Сергеј Михајлов“ – Штип.






