четврток, 15 јануари 2026

Kумановците кои работеа во Ирак и Авганистан се кренаа против УЈП, негираат дека навреме добиле даночни решенија за претходните години

Продолжува протестот на незадоволните кумановци што работеа во американски компании во базите во Ирак и Авганистан.

Објавено на

часот

Сподели

Тие денеска потенцираа дека никогаш не добиле решенија за плаќање даноци изминативе години, побараа одговорност од надлежните во Управата за јавни приходи. На денешниот протест укажаа дека нивното дејствување е исклучиво граѓанско, немаат никаква политичка поврзаност и категорично се оградија од какво било политичка заднина посочувајќи дека протестот е за правда и достоинство.

„Јавно ја демантираме изјавата на директорката Елена Петрова дадена во емисијата на телевизијата Телма, каде што тврдеше дека ние сите сме добиле даночни решенија уште во 2020/2021, дека сме биле навремено известени и дека сме ги игнорирале обврските и сме одбивале да платиме данок. Тоа е невистина, јавно ја повикуваме да дојде тука пред сите нас и пред медиумите и да направиме официјална средба, нека го донесе тој документ, издаден за кој било од нас“, изјави Зоран Наковски во име на присутните.

 

Како аргумент кумановците наведуваат дека доколку навистина постоеле решенија од тој период, досега би имале блокирани сметки, присилна наплата и затезни камати. Пред медиумите покажаа документ издаден од УЈП во 2024 година за еден од колегите, во кој е наведено дека нема даночен долг за плаќање. Кумановци потсетија дека директорката на УЈП кажала дека постојат пропусти во работењето на институцијата во изминатите години во период кога, како што наведуваат, таа била раководител на Секторот за утврдување и наплата на даночните долгови.

Токму затоа сметаме дека мора да понесе морална, политичка и кривична одговорност за пропустите направени во тој период, велат кумановците.

 

Тие информираат дека веќе доставиле докази од странските компании дека данокот им е платен, а во наредните денови очекуваат и официјални документи од ирачките даночни институции, како и од други држави во кои работеле.

Тие бараат поништување на веќе издадените решенија и одбиваат да влезат во долготрајни судски процеси, непотребни трошоци за земјата и сметаат дека парите ќе им бидат вратени со камати. Незадоволните велат дека не се против плаќање данок, туку против, како што додаваат, селективна примена на законот и прикривање институционални грешки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ