Кумановци бараат ревизија на донесените решенија, запирање на присилната наплата и усогласување на даночната пракса со законските одредби. Како што посочија, не бегаат од плаќање даноци, но инсистираат на правична и законска примена на прописите.
Засегнатите информираа дека дел од нив веќе се обратиле до Народниот правобранител, барања до повеќе институции, меѓу кои до Управата за јавни приходи, Владата, Американската амбасада и Советот на Општина Куманово, со цел решавање на проблемот.
Во меѓувреме, секторот за даноци и такси од општина Куманово денеска ги повика даночните обврзници да поднесат даночна пријава за утврување на данок на имот и пријава на комунална такса-фирмарина, најдоцна до 31 јануари годинава.
Како што изјави раководителката на секторот, Фросина Краљевска, оваа законска обврска важи за сите граѓани и правни лица кои во текот на 2025 година стекнале недвижен имот или започнале со негово користење, но не поднеле даночна пријава.
„Секторот за даноци и такси секоја година во месец јануари доставува јавна покана до даночните обврзници кои во претходната година стекнале недвижен имот, а не поднеле пријава. Овој рок до 31 јануари претставува последна можност за усогласување на податоците пред генерирање на решенијата за данок на имот“, изјави Краљевска.
Таа појасни дека решенијата ќе бидат генерирани во почетокот или средината на март 2026 година, по што ќе започне нивната дистрибуција до граѓаните. Секој граѓанин кој стекнал недвижен имот или започнал со негово користење е должен во рок од 15 дена да поднесе даночна пријава. Истата обврска важи и за правните лица во однос на пријавата за утврдување на комунална такса – фирмарина. Секторот веќе располага со податоци од Централниот регистар, а решенијата за комунална такса се во завршна фаза на подготовка и ќе бидат генерирани до крајот на јануари.
„Ги повикуваме сопствениците на правни субјекти кои се во процес на ликвидација или имаат отпочнато таква постапка, навремено да се обратат до нашиот сектор, за да не се генерираат решенија за нив. Со тоа ќе се избегнат дополнителни административни постапки“, истакна Краљевска.
Даночните обврзници кои нема да поднесат пријава во законскиот рок ќе бидат санкционирани со парични казни, согласно Законот за даноци на имот.






